Информации

Д-р Анета Стојановска-Стефанова e доцент во научната област политички системи и меѓународни односи и историја на дипломатијата на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип. 

Родена е во Штип на 28.01.1982 година.

Основно образование во Основно училиште „Димитар Влахов” – Штип каде во 1996 година е прогласена за најталентиран ученик на својата генерација.Средно образование завршува во Гиманзијата “Славчо Стојменски“ во Штип со одличен успех, каде била главен и одговорен уредник на средношколскиот весник “Мотив“.

За време на средношколскиот период била потпретседател на Унијата на средношколци на Македонија. За време на основното и средното образование добитник е и бројни литературни награди за проза и поезија на литературни натпревари.

Образованието го продолжува како редовен студент на Правниот Факултет “Јустинијан Први“ во Скопје, на Отсекот за Политички науки, каде дипломирала со просечна оценка 9.32 и се стекнала со звање дипломиран политиколог.

За време на студирањето била стипендијант на германската Фондација “Конрад Аденауер“ и практикант во Собранието на Република Македонија преку американскиот Национален Демократски Институт (НДИ).

На постдипломски студии се запишува на Факултетот за политички науки и дипломатија во Скопје, насока – меѓународна и европска политика и дипломатија, а студиите ги завршила со просечна оценка 9.75. Успешно го одбранила магистерскиот труд “Уставно-правните и политичките аспекти на надворешната политика со посебен осврт на искуствата на Република Македонија” под менторство на проф. д-р Димитар Мирчев и се стекнала со научен назив Магистер на политички науки.

На докторски студии се запишува на Правниот факултет во Штип, насока – политички науки-политички системи, а студиите ги завршила со просечна оценка 10. Успешно ја одбранила докторската дисертација “Признавање на државите во меѓународното право и меѓународните односи” под интерно менторство на проф. д-р Јован Ананиев и екстерно менторство на проф.д-р Панде Лазаревски и се стекнала со научен назив Доктор на политички науки.

За време на студирањето и потоа, активно објавува свои трудови во списанието “Став“ на Правниот факултет “Јустинијан Први“, во списанието “Студентски збор“, и во магазинот “Политичка мисла“.

Во научно-истражувачката дејност се афирмира преку учество и презентации на стручни трудови на конференции, семинари, научни проекти и отворени трибини во земјата и странство. Во исто време е автор на повеќе стручни трудови во рецензирани домашни и меѓународни публикации и коавтор на неколку книги во земјата и странство.

За време на образованието, како и во работната кариера, доц.д-р Анета Стојановска-Стефанова посетувала и бројни национални и меѓународни обуки и тренинзи.

Во својата работна кариера  работела како соработник во француската агенција Публицис-Скопје, потоа како советник во ЈП Водовод и канализација-Скопје, била државен советник во Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, а моментално работи како доцентво научната област политички системи и меѓународни односи и историја на дипломатијата на Факултетот за туризам и бизнис логистика на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип, каде во 2020 година е избрана за раководител на катедрата за бизнис логистика.

Во 2018 на локалните избори по втор пат е избрана за член на советот на Градот Скопје, каде е претседател на комисијата за образование.

Во 2009 година ја добила наградата за посебни заложби од страна на Канцеларијата на УСАИД во Скопје, за докажано лидерство и континуирана поддршка во процесот на развој и имплементација на Автоматскиот Систем за распределба на дозволи, како и за раст на транспарентноста, чесноста и посветеноста во рамките на проектот на УСАИД, наречен ЕВлада.

Во 2015 година, доц.д-р Анета Стојановска-Стефанова добила Орден на Заслуги “Претеча“ за особен придонес во обновата на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител.