Еколошко право

Еколошкото право е една од помладите правни дисциплини чија актуелност се зголемува постојано. Програмата се фокусира на изворите на правото во областа на животна средина, односно на еколошкото право. Притоа, во рамките на програмата ќе се изучуваа и анализира законодавството на Република Северна Македонија, како и меѓународните конвенции во оваа област. Во рамките на програмата ќе се изучуваат и пресуди на домашни и на меѓународни судови поврзани со еколошката проблематика. Програмата го опфаќа и процесот на усвојување и на имплементација на еколошкото право. Исто така, ќе се изучува и поврзаноста на еколошкото право со останатите права.

Еколошкото право е право на здрава животна средина и право на информираност и учество на јавноста во донесувањето на одлуки за заштита на животната средина, теми со кои се бави и националното и еколошкото право на меѓународно ниво.

Живееме во време кога правниот поредок на РМ доживува темелна трансформација од која треба да произлезе законодавство хармонизирано со acquis communautaire на ЕУ. Со околу 1000 нормативни акти, еколошкото законодавство е едно од најобемните „поглавја“ во законодавството на Унијата и истото директно и индиректно навлегува во речиси сите сфери на општествата на земјите-членки. ЕУ има исклучително високи еколошки стандарди кои се развивале низ годините со цел да се најдат соодветни решенија и одговори на огромниот број проблеми и предизвици.

Хармонизацијата на нашето законодавство во овој дел, а особено практичната имплементација со цел достигнување на овие високи стандарди, со себе носи сериозни предизвици со кои се соочуваат голем број структури во речиси сите области на нашето општество. Процесот на промена на еколошкото законодавство е истовремено и процес на промена на целокупното општество.

Class: 

Еколошко право