Социјално право

Целта на предметот е да ги запознае студентите со социјалното осигурување (пензиско, инвалидско, здравствено и осигурување од невработеност), социјалната и детска заштита. 

Како предмет на проучување на социјалното право можат да се определат неколку тематски области, кои студентите по успешно полагање на предметот треба да ги владеат:

Прво, здравствената заштита и здравственото осигурување. Тука се определуваат основните значења на двете категории, потоа постапката за остварување на правото на здравствена заштита, и на здравственото осигурување, како и организационата поставеност на здравствените установи.

Втора голема целина претставува пензиското осигурување, ризиците и правата од пензиско осигурување, организацијата на институциите за остварување на ова право.

Битна категорија е поимот пензиски стаж и неговите појавни облици (редовен, посебен, зголемено траење на стажот на осигурување).

Трето, проучување на правото врз основа на инвалидност, со анализа на условите за оценка на инвалидноста, постапката за остварување на ова право и можноста од престанок на правото.

Четврта тематска целина е изучување на правата на борци, воени инвалиди и семејства на загинати борци, како и заштитата на цивилните жртви од војната.

Петта, анализа на условите за настанување на можноста за право на социјална заштита, постапките за остварување на ова право и престанокот на социјалната заштита.

Шесто, елаборирање на детската заштита, нејзината улога во општеството, организацијата и финансирањето на детската заштита.

Социјалното право проучува правни норми во поширок преглед на правни акти и документи (устав, закони, одлуки, решенија).

Во анализите на социјалното право се вградуваат и програмски документи од државни органи, политички организации, меѓународни тела и институции.

Како предмет на социјално право се наведуваат колективните јавни, а не индивидуалните приватни форми на помош, осигурување итн. Основната цел на социјалното право е да се обезбеди живот на човекот, да му помогне да ја совлада или ублажи состојбата на социјална потреба.

Како предмет на социјалното право се изучуваат и социјалноправните односи.

Class: 

Социјално право