Истражувачки тим
Главен истражувач: проф. д-р Марија Кусевска
Истражувачи: проф. д-р Билјана Ивановска, проф. д-р Нина Даскаловска, проф. д-р Марија Леонтиќ
Млади истражувачи: м-р Драган Донев, м-р Наталија Поп Зариева, м-р Марица Тасевска, м-р Крсте Илиев
Собирачи на истражувачки материјал – студенти од втор циклус: Сандра Доневска, Викторија Мрмеска, Ирена Павлова, Марија Гркова, Семина Бекир, Деспина Минова
Современиот начин на живеење и зголемената комуникација со луѓе од различни култури ја наметнува потребата за стекнување поголеми знаења за општествените вредности, начините на организација и комуникација во тие земји, но и за подобро разбирања на општествените вредности и форми во нашата земја. Јазикот, како средство за комуникација, е изграден врз основа на овие норми и со тоа ни овозможува да комуницираме на начин прифатлив во општеството. Но тие норми не се очигледни ниту за родените говорители, а уште помалку за неродените говорители. Постои потреба за систематско истражување на формите и значењата преку кои културните и општествените вредности се изразуваат во јазикот.
Во моментов, прагматичките истражувања засилено се спроведуваат во сите развиени земји. Тие се сметаат за значајни извори на информации за тоа како општеството е организирано и кои се културните сфаќања и вредности (Arundale, 2006; Beeching, 2016; Jiang, 2000; Kádár & Bargiella-Chiappini, 2011; Kecskes, 2014; Mills, 2009; Clemen, 2010), какви когнитивни процеси се во игра при кодирање и декодирање на пораката (Austin, 1962; Baumgarten & House, 2010; Caffi, 2007), како учесниците ја градат својата улога во комуникацијата, кои се нивните скриени намери и како ги реализираат (Hearit, 2006). Во нашата земја, за жал, овој вид на истражувања се сè уште ретки, се сведуваат на индивидуални обиди (Кусевска, 2012; Кусевска, Трајкова, Нешковска, & Смичковска, 2014; Кусевска, Ивановска, & Даскаловска, 2017, Стефановски, 1996) и доколку ги има, тешко се доаѓа до информациите за нив. Очигледно е дека постои потреба од зголемување на прагматичките истражување и обезбедување достапност до нив.
Целта на нашиот претходен проект од оваа област „Улогата на експлицитните инструкции за стекнување прагматичка компетенција при учењето англиски и германски јазик“ имаше за цел да пополни дел од оваа празнина. Сознанијата и искуствата добиени преку него потврдија дека постои потреба од засилување на
прагматичките истражувања во нашата земја и отварање нови теми; развивање нови, модерни методи за собирање истражувачки материјал и негова обработка; поврзување на ваквите теориски истражувања со практиката; и од споделување на искуствата од овие истражување и нивна достапност за јавноста.
Прагматичките истражување не се чист лингвистичи напор без практична примена. Тие се многу значајни за јазичното образование, креирањето курикулуми и создавање соодветни методи за усвојување на прагматичките вештини (Cohen, 2017; Gesuato, Bianchi & Cheng, 2015; Greer, Tatsuki, & Roever, 2013; Ishihara & Cohen, 2010; Kasper & Rose, 2002; Schmidt, 1993). Како такви, тие се вклучени и во Заедничката европска рамка на референтни нивоа (Council of Europe, 2001). Значајни се и за сите оние кои имаат потреба да комуницираат со припадници на други културни заедници при посета на конференции, семинари, бизнис и дипломатски средби, и сл. (Angouri & Locher, 2012; Bardovi-Harlig & Hartford, 1993; Marra, 2012).
Предложени истражувања
Цели на проектот Во согласност со претходно изнесеното, целите на овој проект се следните:
- зголемување на базата на меѓукултурни и интеркултурни прагматички проучувања и проучувања на прагматиката на меѓујазикот на изучувачите на странски јазици кои ќе ги споредуваат прагматичките норми во македонската јазична заедница со другите јазични заедници, како и начините на кои македонските говорители воопшто, како и македонските изучувачи на странските јазици посебно, се справуваат со предизвиците на меѓукултурната и интеркултурната прагматика;
- развивање современи методи за собирање и анализирање на говорен јазичен материјал кои ќе придонесат за добивање валидни резултати;
- поврзување на прагматичките истражување со практичните потреби во општеството.
Поконкретно, при реализацијата на проектот ќе се истражува следното:
1. говорни чинови, прагматички и дискурсни маркери и други јазичните средства кои говорителите ги користат за пренесување на пораката и постигнување на својата комуникациска цел. Јазичните средства кои се предмет на истражување ќе се разгледуваат во рамките на целосен говорен дискурс со цел да се испита организацијата на конверзацијата и начините на преговарање и постигнување на целите;
2. на кој начин изразувањето на македонските говорители на странскиот јазик се разликува од изразувањето на родените говорители на тој јазик и кои се причините за прагматичкиот неуспех, т.е. зошто македонските говорители понекогаш не успеваат да ги пренесат своите ставови, мислења и цели во меѓукултурната и интеркултурната комуникација;
3. кои психолошки процеси учествуваат во формулирањето на пораката на странскиот јазик;
4. кои методи се соодветни за собирање на јазичниот корпус за анализа на говорниот јазик и како овие методи влијаат врз добиените резултати. За таа цел ќе се користат
повеќе методи за собирање на јазичниот материјал и ќе се споредуваат резултатите добиени со нив.
Испитаници При собирање на јазичниот материјал ќе бидат вклучени говорители со мајчин јазик македонски, говорители со мајчин јазик англиски, германски и турски како и македонски изучувачи на англискиот, германскиот и турскиот како странски јазици.
Методи на собирање на јазичниот материјал Собирањето јазичен материјал за истражување говорен јазик претставува комплексен потфат и бара многу време и енергија. Постои општ став дека Прашалникот за пополнување дискурс е корисен за проверка, но само тогаш кога се применуваат и други методи. Методот на собирање природен говор е најверодостоен, но со него тешко може да се собере доволно количество примероци од она што се истражува. Затоа се применуваат и методот на собирање спонтан говор и методот на поттикнат говор. Заради обединување на сите три групи испитаници (македонски, странски и македонски изучувачи) најмногу ќе се користи спонтан говор. Спонтаниот говор се собира во експериментална средина, но испитаниците не се свесни што во нивниот говор се набљудува. Тие се организирани, а сепак спонтани. Покрај овие, ќе се користат и целосно контролирани ситуации, како на пример игра по улоги, усни прашалници за пополнување на дискурс, набљудување, водење белешки, водење дневници, прашалници со примена на Ликертова скала, интервјуа и сл. Собраниот материјал ќе се транскрибира и ќе се подготви за обработка. За родените говорители на англискиот и германскиот јазик ќе се користат веќе направени корпуси (Британски национален корпус, Американски национален корпус, Лундски корпус, LINDSEI корпусот, корпусот на Осло, и др.). Анализата на овој матерјал ќе се врши со методи за квантитативна и квалитативна анализа. Вака собраниот материјал ќе се искористи како почетна база за креирање истражувачки, споредбени (компаративни) корпуси на меѓујазикот на македонските изучувачи на странските јазици кои ќе се истражуваат и корпус за македонскиот како мајчин јазик кои ќе може понатаму да се надоградува и да се користат за други истражувања, за организирање активности во наставата и за други практични потреби. Јазичните истражувања врз основа на корпуси е еден од најмодерните приоди на полето на лингвистиката. Кај нас тој приод е сè уште не е развиен.
Реализација на проектот
За време на реализацијата на проектот ќе се изведуваат следните активности:
1. Подготовка за започнување на проектот која вклучува изработка на Формулар за учество за испитаниците, дефинирање на прагматичките карактеристики кои ќе се истражуваат, дефинирање на методите и изработка на инструментите за собирање на јазичниот материјал, правење упатство за начините на собирање говорен материјал и негова обработка, пилотирање на методите и дополнување на упатствата.
2. Запознавање на учесниците со проектот и придобивките од него и потпишување на Формуларот за учество. Изучувачите на странските јазици ќе изработат тест за определување на нивото на познавање на јазикот (Quick Placement Test, Oxford University Press and University of Cambridge Local Examinations Syndicate).
3. Собирање на јазичниот материјал со помош на претходно предвидените методи и инструменти и негова транскрипција и организација во вид на јазичен корпус.
4. Анализа на собраниот материјал и изработка на студии релевантни за интеркултурната комуникација, креирањето наставни програми и модернизацијата на наставата по странски јазици.
5. Издавање на книга во која ќе се опишат резултатите и искуствата од истражувањето. Во неа ќе бидат вклучени и конкретни упатства за составувачите на наставните програми и препораки за учесниците во интеркултурната комуникација.
6. Иницирање на составување компаративен јазичен корпус, кој понатаму ќе може да се надградува, да се користи за други истражувања и да се проширува со други јазици.
Временска рамка
Гореопишаните активности ќе бидат распределени во следнава временска рамка:
Месеци 1-4: Подготовка за започнување на проектот (точка 1), запознавање на учесниците со проектот и спроведување на тестот за определување на нивото на познавање на странскиот јазик (точка 2).
Месеци 5-12: Собирање на јазичниот материјал со помош на претходно предвидените методи и инструменти и негова транскрипција и организација (точка 3).
Месеци 13-18: Анализа на собраниот материјал и изработка на релевантни студии (точка 4).
Месеци 19-24: Издавање на книга (точка 5) и иницирање на составување компаративен јазичен корпус (точка 6).
Литература
Angouri, J., & Locher, M. A. (2012). Theorising disagreement. Journal of Pragmatics 44, 1549-1553.
Arundale, B. R. (2006). Face as relational and interactional: A communication framework for research on face, facework, and politeness. Journal of Politeness Research 2, 193-2016.
Austin, J. L. (1962). How to do things with words. Oxford: Oxford University Press.
Bardovi-Harlig, K., & Hartford, B. S. (1993). Learning the rules of academic talk: A longitudinal study of pragmatic change. Studies in Second Language Acquisition 15, 279-304.
Baumgarten, N., & House, J. (2010). I think and I don’t know in English as lingua franca and native English discourse. Journal of Pragmatics 42, 1184–1200.
Beeching, K. (2016). Pragmatic markers: Meaning in social interaction. Cambridge: Cambridge University Press.
Caffi, C. (2007). Mitigation. New York: ELSEVIER.
Clemen, G. (2010). The concept of hedging: Origins, approaches and definitions. Во R. Markkanen, & H. Schröder, Research in text theory. Hedging and discourse:
Approaches to the analysis of a pragmatic phenomenonin academic texts (стр. 235-256). Munchen, DEU: Walter de Gruyter.
Cohen, A. D. (2017). Teaching and learning second language pragmatics. Во E. Hinkel, Handbook of research in second language teaching and learning, Vol. 3 (стр. 428-452). New York: Routledge.
Council of Europe. (2001). Common European Framework of Reference for Languages: Learning, teaching, assessment. Cambridge: Cambridge University Press.
Gesuato, S., Bianchi, F., & Cheng, W. (2015). Teaching, Learning and Investigating Pragmatics: Principles, Methods and Practices. Newcastle upon Tyne: Cambridge Scholars Publishing.
Greer, T., Tatsuki, D., & Roever, C. (2013). Pragmatics and language learning. Honolulu: University of Hawai'i, National Foreign Language Resource Center.
Hearit, K. M. (2006). Crisis Management by Apology: Corporate Responses to Allegations of Wrongdoing. London: Routledge.
Ishihara, N., & Cohen, A. (2010). Teaching and learning pragmatics: Where language and culture meet. London: Longman.
Jiang, W. (2000). The relationship between culture and language. English Language Teaching Journal 54, 328-334.
Kádár, D. Z., & Bargiella-Chiappini, F. (2011). Politeness across cultures. New York: Palgrave Macmillan.
Kasper, G., & Rose, K. R. (2002). Pragmatic development in a second language. Oxford: Blackwell.
Kecskes, I. (2014). Intercultural pragmatics. Oxford: Oxford University Press.
Marra, M. (2012). Disagreeing without being disagreeable: negotiating workplace communities as an outsider. Journal of Pragmatics 44 (12), 1580-1590.
Mills, S. (2009). Impoliteness in cultural context. Journal of Pragmatics 41, 1047-1060.
Schmidt, R. (1993). Consciousness, learning and interlanguage pragmatics. Во G. Kasper, & S. Blum-Kulka, Interlanguage pragmatics (стр. 21-42). Oxford: Oxford University Press..
Кусевска, М. (2012). Меѓукултурна прагматика. Несогласување во усната комуникација: англиски и македонски. Скопје: Академски печат.
Кусевска, М., Ивановска, Б., & Даскаловска, Н. (2017). Прагматичка компетенција кај македонските изучувачи на англискиот и на германскиот јазик. Штип: Универзитет „Гоце Делчев“-Штип.
Кусевска, М., Трајкова, З., Нешковска, С., & Смичковска, Ф. (2014). Говорни чинови: барање, заблагодарување, извинување, приговарање. Скопје: Академски печат.
Митковска, Л., Кусевска, М., & Бужаровска, Е. (2013). Корпусни истражувања на англискиот меѓујазик на македонските изучувачи. Скопје: Прв приватен универзитет-ФОН.
Стефановски, Љ. (1996). Етнографија на говорот, деминутивот и културата. Lettre Internationalle, 82-86.