Испитување на претприемачкиот потенцијал со фокус на претприемaчките намери на младите лица во земји во развој

Analysis of entrepreneurial potential with a focus on entrepreneurial intentions of young people in developing countries

Проект

Апстракт

Подолг временски период претприемништвото е поврзано со економските перформанси во развиените и земјите во развој, а со тоа е предмет на жестоки дебати во академската средина, како и меѓу креаторите на јавните политики. Истражувањето покажа дека новите и мали фирми се 'рбетот на иновативноста и лидери во создавање на работни места, дури и во време на економска криза. Секоја земја има одредено ниво на претприемачки потенцијал, но она што е важно е да се дознае нешто повеќе за клучните фактори кои се основа и му претходат на тој потенцијал, со цел да се зголемат инвестициите во позитивните фактори на влијание и да се исклучат или да се минимизираат негативните. Целта на овој истражувачки проект е да се испита претприемачкиот потенцијал на земјите во развој, преку анализа на претприемачката намера и факторите кои ја условуваат истата, меѓу младите луѓе.

Ова истражување предлага да се користи Теоријата на планирано однесување (личен став кон претприемништвото, согледаната контрола на однесувањето, субјективните норми) и некои други претходници (можност за контрола, склоност кон преземање ризик, бариерите и факторите за поддршка), за да се предвидат претприемачките намери меѓу учениците во две земји во развој (Република Македонија и Хрватска). На овој начин, проектот преку истражувањето го испитува ефектот на двете групи променливи- лични и контекстуални променливи на претприемачки намери, што е од големо значење, бидејќи намерата е тесно поврзана со фактичкото однесување. Целта е да се испита дали претприемачките намери се разликуваат помеѓу земјите во развој и кои се главните претходници кои придонесуваат за тоа ситуација. Овој проект исто така истражува дали земјите имаат висок потенцијал за да се постигне претприемачкиот напредок. Овој напредок е дефиниран преку т.н. претприемачка скала со пет последователни чекори: "никогаш не размислувам за започнување сопствен бизнис", "размислувам за тоа", "преземам чекори", "водам млад бизнис" и "водам стабилен долгогодишен бизнис". Проектот се изведува преку анкета меѓу студентите во двете земји од Југоисточна Европа, како земји во развој: Македонија (која не е членка на ЕУ) и Хрватска (членка на ЕУ).

Главниот метод за собирање на податоци е методот на истражување, со примена на техника на структуриран прашалник со збир на елементи добиени од литературата. Примерокот ќе биде изграден со техниката на погодност (погоден статистички примерок) за собирање податоци и ќе вклучи најмалку 300 студенти од секоја земја, кои се присутни на предавањето кога ќе се спроведе истражувањето. Собраните податоци за почеток ќе бидат анализирани со експлораторска и конфирмативна факторска анализа, со цел да се процени валидноста на скалите во применетото мерење. Правилото на Kaiser-Guttman ќе се користи за да се утврди бројот на фактори кои треба да се одземат. Повеќекратната регресија ќе се спроведе за тестирање на хипотезите. Претприемачката намера е наведена како зависна променлива. Мерките за толеранција ќе бидат проверени за детектирање на можна мултиколинеарност. Анализата на податоци ќе се спроведува со софтверски пакет Statistica12 и / или IBM SPSS 19. Практичната импликација ќе биде да се види каде и на што земјите во развој треба да се фокусираат за да дадат поддршка на претприемачките напори. Овој проект дава вредност и оригиналност, со фокус на истражувањето насочено кон земјите во развој, што многу ретко може да се најде во академските кругови. Вклучувањето на земјите во развој дава посебен аспект на тестирањето на оваа теорија.

 

РАКОВОДИТЕЛ НА ПРОЕКТОТ:

Доц. д-р Љупчо Давчев, продекан на Економски факултет, УГД

УЧЕСНИЦИ:

Доц. д-р Тамара Јованов / виш истражувач / Економски факултет – Штип, УГД

д-р Едо Рајх / виш истражувач / Економски институт – Загреб, Р. Хрватска

д-р Јелена Будак / виш истражувач / Економски институт – Загреб, Р. Хрватска