Адаптибилен систем за технолошки потпомогнато и независно живеење

Развојот на технологиите отвора нови можности за подобрување на квалитетот на живот на луѓето, особено на постарите лица како и лицата со емоционални, физички и когнитивни проблеми. Во овој контекст целта на проектот ќе биде реализација на адаптивен и интегриран систем кој ќе обезбеди:
-    континуирано следење на здравствените параметри на старите лица и нивната животна околина со ненаметлива опрема која нема да ги попречува нивните секојдневни активности;
-    чувство на присутност на семејството, пријателите, старателите и здравствените работници.
Системот ќе овозможи старите лица да добијат персонализирана помош и поддршка, а во исто време ќе им помогне и во одржување на нивните социјални релации.
Освен тоа предложениот систем би служел и за навремено откривање на симптомите кои би предизвикале влошување на здравствената состојба на корисникот, како и продолжување на временскиот периодот во кој пациентите би можеле безбедно да бидат згрижени и надвор од болничките установи. Системот ќе биде развиен да може да ги поддржува пациентите, негователите, лекарите и другите даватели на услуги, во ефикасно планирање, управување и следење на здравствената состојба на пациентите, првенствено поради избегнување на итни случаи.
Системот би имал не само дирекно влијание врз квалитетот на животот на пациентите и нивните негуватели, туку исто така, би можел да има значително влијание и врз националниот здравствен систем, овозможувајќи намалување на трошоците кои произлегуваат од одложување на институционализацијата на пациентите.

За проектот

Статистичките податоци за зголемувањето на старосната популација на земјата, наметнуваат нови начини за помош на старите и изнемоштени лица, како и изнаоѓање на нови решенија за зачувување на нивната независност. Еден од проблемите кои се јавуваат кај старите лица е и проблемот поврзан со чувството на изолација и осменост (кој може да настане како резултат на губење на брачниот партнер, пријател или некој близок член на семејството), како и стравот да станат товар на семејството или пријателите. Социјалната изолација се базира на ограниченоста во социјалната интеграција или отсуството на пријатели. Постои голема поврзаност помеѓу социјалната изолација и физичкото, менталното и емоционалното здравје на постарите луѓе. Постојат истражувања кои покажуваат дека социјалната активност има исто влијание врз подобрувањето на здравјето на поединецот и продолжување на неговиот живот, како и физичката активност.
Развојот на информациско-комуникациските технологии може да се искористи во насока на подобрување на квалитетот на живот на старите лица кои имаат физички и/или когнитивни проблеми. Тука посебен аспект е ставен на развивање на телеприсутни роботски системи кои би биле раководени од далечина и кои ќе им помагаат во одредени активности на старите лица. Овие роботски системи ќе им помогнат, меѓу другото, да ги надминат и проблемите поврзани со осаменоста и изолацијата, на тој начин што ќе овозможат, на лесен и интуитивен начин, воспоставување на видеоконференциски врски со членовите од фамилијата или пријателите. На овој начин се остварува виртуелно присуство на блиските личности во домот каде престојува старото лице.
Една од главните карактеристики кај телеприсутните системи е интеракцијата со роботот како и чувството на присутност. Човекот комуницира со роботот на ист начин како што комуницира и со другите луѓе притоа воспоставувајќи социјални и емотивни врски со нив. Роботот им дава чувство на сигурност на корисниците, грижејќи се за нив, давајќи им помош и поддршка во одредени секојдневни активности.
Последниве години постои зголемен интерес кај научниците и истражувачите во однос на употребата на  телеприсутните роботски системи кои би се користеле за помош и нега на стари лица како и за комуникација со здравствените работници, пријателите или роднините. Компанијата InTouch Health во соработка со универзитетот Johns Hopkins, го разви системот “Лекар-Робот” овозможувајќи им на лекарите редовно да ги посетуваат своите хоспитализирани пациенти. Резултатите од евалуацијата покажале дека дури 80% од пациентите се изјасниле дека на овој начин се зголемува интеракцијата помеѓу пациентот и докторот, а со тоа и меѓусебната доверба. Компанијата InTouch Health исто така ја разви и RP-7 платформата овозможувајќи им на пациентите примарна нега и рехабилитација, како и консултации со своите доктори. Освен овие примери, постојат и други телеприсутни платформи, како на пример: TRIC (телеприсутен робот за комуникација), TeCaRob (робот кој обезбедува индивидуална помош, и помош за лица со посебни потреби), Care-o-Bot (мобилен робот кој им помага на старите лица во домашни услови), VGO (далечински контролиран мобилен робот дизајниран да создаде чуваство на физичка присутност на одредена личност во домот на старото лице), Giraff (далечински контролиран мобилен робот кој овозможува интеракција на старото лице со надворешниот свет) и др.
Споменатите роботски платформи се или во развојна фаза или се комерцијални, но се скапи, такашто постои реална потреба од развој на ефтин систем со наведените функционалности кои ќе ги задоволи потребите на старите лица. Поради тоа, ние одлучивме да развиеме систем кој ќе се состои од мобилен телеприсутен робот и мрежа од сензори. Системот ќе извршува функционалности, како што се: собирање и анализа на податоците од сензорите, со цел одредување на однесувањето и физиолошките параметри на лицето (на пр: параметри поврзани со спиењето, или дневните активности), предупредувања, потсетувања, аларми, како и социјална интеракција која би се изведувала преку телеприсутниот робот. Ние веруваме дека нашето решение ќе им овозможи подобар социјален живот и ќе им го олесни секојдневниот живот на старите лица.

Истражувачки тим

Наташа Коцеска - Главен истражувач

Андреј Кос – истражувач

Сашо Коцески - истражувач

Татјана Атанасова Пачемска – истражувач

Васко Саздовски – истражувач

Емилија Стојменова Дух – истражувач

Васко Кокаланов – млад истражувач

Димитрија Ангелков – млад истражувач

Ангел Владимиров – млад истражувач

Публикации

Koceski, Saso and Koceska, Natasa, "Evaluation of an Assistive Telepresence Robot for Elderly Healthcare", Journal of Medical Systems (2016) 40: 121. doi:10.1007/s10916-016-0481-x,  (IF: 2.213).