Невенка Дуковска , родена во Скопје 1984 година како Трајкова потекнува од музичка фамилија, а со пијаното се дружи од својата најрана возраст.
Основно и средно музичко образование завршува во ДМУЦ.„Сергеј Михајлов“ во Штип ,каде што живее и работи . Дипломира и магистрира на отсекот пијано на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ - Софија , Р.Бугарија во класата на Проф.Антон Диков и асистент Елена Дикова.
Во 2013 година успешно ја брани својата докторска дисертација на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија и се здобива со титула ДОКТОР на музички науки и музичка уметност. Докторира во областа на камерната музика и корепетицијата, преку која што ја истражува, а воедно и афирмира современата музика.
Во моментот работи како Доцент на Музичка академија при државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
д-р Невенка Дуковска е дел од многу Меѓународни натпревари, како уметнички директор, претседател на организационен одбор и член на меѓународни жири комисии во Македонија и странство.
Покрај многубројните солистички концерти има настапувано и со најразлични камерни состави и ансамбли низ Македонија, Австрија, Италија, Шпанија, Словенија, Марoко, Србија, Косово, Бугарија и Грција. Настапува со повеќе еминентни музички изведувачи како Кирил Рибарски, Борис Трајанов, Зоран Казаков (Швајцарија), Јоргос Георгиу (Кипар) и други. Разновидноста на камерните состави со кои настапува и досегашната корепетиторска дејност го збогатуваат нејзиниот репертоар со кој често настапува на сцените низ Македонија и надвор од неа.
Настапува како дел од дуо GRAZIOSO со сопранот Кристина Палија, со кое ја имаат претставено Македонија во Шпанија, Италија, Австрија и на турнеи низ Словенија и Мароко како дел од трио Grazioso. Добитници се на 8мо ноемвриско признание од град Неготино 2015 и од град Штип 2016.
д-р Невенка Дуковска е добитник на повеќе први награди како пијанист, а добитник е и на награда од меѓународниот Арт фестивал „Езерски бисери“ – Струга за најдобар корепетитор на натпреварот.
Учествува на редица семинари кај истакнати пијанисти како Александар Блох, Тамара Подубнаја, Кетрин Викерс, Марчела Крудели и други.
Активно учество зема на многу меѓународни научни конференции и симпозиуми.
Има објавени трудови во домашни и меѓународни списанија со impact factor.