Маја Андреја Софроиевска Главинов е родена во Скопје, Република Северна Македонија 1972 година, каде завршила основно и средно образование. Се запишала на Медицинскиот факултет во Скопје во учебната 1991/92 година и дипломирала во 1997 година со просечен успех 9,25. Една година подоцна, по положувањето на стручниот испит, се стекнала со лиценца за работа и започнала да волонтира во ГОБ, клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје до октомври 1998 година, кога стапила во редовен работен однос во оваа институција. Во април 2005 година положила специјалистички испит по општа хирургија, а во декември 2016 година положила специјалистички испит по урологија. За помлад асистент и за асистент по предметот општа хирургија била избрана 2001 година на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистерски студии „Управување со природни катастрофи, заштита и спасување“ завршила во 2016 година на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Скопје, придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“, со просечна оценка 10. Во академската 2016/2017 година се запишала на Докторската школа на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, која ја завршила со одбрана на докторската дисертација „ Меѓусебна корелацијана несаканите дејства во рамките на пост 5 алфа редиктаза инхибитори синдромот кај пациентите кои се на медикаментозен третман за бенигна хиперплазија на простата“ во декември 2020 година и се стекнала со звање доктор на медицински науки. Во насловно звање насловен доцент по урологија на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, била избрана во јуни 2022 година. За време на континуираната медицинска едукација престојувала во Њукасл (Велика Британија), Лидс (Велика Британија), Прага (Чешка), Нирнберг (Германија), Салцбург (Австрија), Касерес (Шпанија), Сараево (Босна и Херцеговина), Тирана (Албанија) и други. Активно учествувала на повеќе здруженија, работилници, конгреси, симпозиуми и други стручни и научни настани во земјата и странство Учесник е во меѓународни научни студии организирани од Европската уролошка асоцијација и била дел од тимот на Министерството за здравство на Република Македонија за континуирана медицинска едукација на лекари од примарната здравствена заштита. Во 2017 година била дел од експертскиот тим на проектот на Светската здравствена организација и Министерството за здравство „Утврдување на индексот на безбедност на болниците во Република Македонија“. Од 2017 до 2021 година била член на управниот одбор и активен учесник во проектот COST акција CA 16217, дел од програмата Хоризонт 2020. Како надворешен член учествува во уште два проекти на COST, CA TD1404 и CA 21122. Исто така била ангажирана како надворешен експерт за евалуација на COST предлог-проекти. Автор и коавтор на бројни трудови презентирани на конгреси, симпозиуми и стручни состаноци, а меѓу нив се и меѓународни трудови објавени во индексирани списанија на Web of Science. Активно зборува англиски јазик (C1).