CV

PDF

Проф. д-р Цвета Мартиновска Банде додипломските студии ги завршила во 1989 година на Електротехничкиот факултет, насока Компјутерска техника и информатика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје и се стекнала со звањето дипломиран електротехнички инженер. На истиот факултет во 1993 година ги завршила постдипломските студии по електротехничките науки.

Во 1993 година добива стипендија за студиски престој на Универзитетот „Лимбург“ во Мастрихт, Холандија, на Катедрата за медицинска информатика. Во периодот од 1996 до 1997 година ја завршува својата специјализација на Нов бугарски универзитет во Софија, Р. Бугарија, на Катедрата за когнитивни науки.

Во 2004 година се стекнува со звање доктор на технички науки, по завршувањето на докторските студии на Електротехнички факултет, на насоката Компјутерска техника и информатика, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Истражувачката работа на проф. д-р Мартиновска-Банде е од областите вештачка интелигенција, машинско учење, алгоритми и комплексност, биоинформатика, интеракција човек-машина, мултимодални интерфејси и дистрибуирани компјутерски системи.

Во периодот од 1990 до 1992 година работела како стручен соработник во Институтот за сеизмологија и земјотресно инженерство во Скопје. По студискиот престој во Холандија, од 1994 до 1998 работела како програмер и систем инженер во ЈСП – Скопје. Во периодот од 1999 до 2005 година била на позиција главен инженер во техничката дирекција на Агенцијата за разузнавање во Скопје, а во 2005 година се вработила како доцент на Факултетот за информатика на Европскиот универзитет во Скопје.

Во 2007 година, со отворањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Мартиновска Банде е вработена како доцент на Факултетот за информатика, а во 2009 година е избрана во звање вонреден професор на овој факултет. Од 2011 до 2014 година е продекан на Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Во 2014 година е избрана во звање редовен професор. Од 2015 година е декан на Факултетот за информатика.

Во моментот работи на развој на нови алгоритми и софтверска библиотека за примена во биомедицинското инженерство (2013-2014) на Факултетот за информатика при УГД. Помеѓу другото, проф. д-р Мартиновска е консултант на фирмата „NI TEKNA – Интелигентни технологии“, а членува и во неколку професионални асоцијации, како Друштвото за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика, Здружението на информатичари и математичари, IEEE и ACM.