Литературолошките и културолошките истражувања и нивната функција во оспособувањето на студентите идни наставници

Предмет на истражување на проектот со наслов „Литературолошките и културолошките истражувања и нивната функција во оспособувањето на студентите идни наставници“ е улогата и влијанието на литературолошките и културолошките сознанија што ги стекнуваат студентите за време на студирањето и нивната практична примена во наставата по литература во средното образование. Теориските истражувања на полето на семантиката и менталитетот на книжевните ликови се добра основа за поттикнување на поголема креативност кај студентите идни наставници при креирањето на наставниот час, а од друга страна се супстрат за создавање таква наставна методологија која ќе овозможи стекнување соодветни генерички и предметно-специфични компетенции кај студентите и постигнување соодветни емотивно-сознајни цели кај учениците. Во проектот ќе бидат вклучени одреден број студенти од трета и четврта година од Филолошкиот факултет на УГД, а целна група на истражувањето, покрај студентите, ќе бидат и учениците од гимназиските паралелки во Штип. Овој проект има две главни цели: а) да ја истражи функцијата на литературологијата и културологијата како важни компоненти во образованието на студентите на филолошките факултети; б) да ја истражи и да ја докаже нивната улога во високото образование како основа за создавање функционални методички постапки за остварување на генеричките и особено предметно-специфичните компетенции на студентите идни наставници по предметот Македонски јазик и литература.

dimova_proekt_2016.pptx