Во овој проект ќе биде испитувана одржлива технолошка постапка за производство на разни конструктивни материјали за примена во земјоделството, градежната и индустријата за мебел и др. Ќе бидат применети процесите на компресија и инјекционо обликување, а како основен материјал ќе се користи текстилен и пластичен/рециклирачки отпад и биоразградлив материјал од обновливите ресурси во нашата земја. Паралелно, ќе се испитува можноста за воведување одржлива технолошка постапка за добивање на нови композити од повеќекратно рециклиран материјал. Интересот за новите композити врз основа на отпаден/рециклиран материјал расте брзо заради повисоките еколошки стандарди, потенцијално добрите својства на овие композити, ниската густина и цена, можноста за максимално искористување на реактантите и обезбедување на повратен тек на отпадниот материјал.
Во рамките на предложениот проект ќе се користат различни типови на термопластичен рециклирачки отпад и природни материјали од обновливи ресурси во нашата земја како матрица, а како зајакнувачи ќе се користат разни типови на текстилен и земјоделски отпад; за сите произведени композити ќе бидат испитувани и споредувани нивните својства. Ќе се тестираат и анализираат хемиските, физичко - механичките и термичките својства. Врз основа на добиените резултати ќе се определат оптималните услови за процесирање со двете техники и со тоа ќе се дефинира одржлива технолошка постапка за нивно производство. Рециклирачката способност на произведените композити ќе биде тестирана преку употреба на повеќекратно рециклиран материјал, а нивната употребна вредност - преку споредба со традиционалните композити наменети како конструктивни материјали во разни индустрии. Новите композити финализирани во конструктивни материјали ќе дадат квалитетен и еколошки прифатлив производ апликативен во многу индустрии.