Д-р Анета Стојановска - Стефанова е вонреден професор од наставно-научната област меѓународни односи и дипломатија на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип.

Родена е на 28 јануари 1982 година во Штип. Основно образование завршилa во Основно училиште „Димитар Влахов” – Штип, каде во 1996 година е прогласена за најталентиран ученик на својата генерација. Средно образование завршила во Гиманзијата “Славчо Стојменски“ во Штип со одличен успех, каде била главен и одговорен уредник на средношколскиот весник “Мотив“. За време на средношколскиот период била потпретседател на Унијата на средношколци на Македонија. За време на основното и средното образование добитник е на бројни литературни награди за проза и поезија.

Образованието го продолжува како редовен студент на Правниот Факултет “Јустинијан Први“ во Скопје, на отсекот за политички науки, каде дипломирала и се стекнала со звање: дипломиран политиколог. За време на студирањето била стипендијант на германската Фондација “Конрад Аденауер“ и практикант во Собранието на Република Македонија преку Програмата на американскиот Национален Демократски Институт (НДИ). Активно објавувала свои трудови во списанието “Став“ на Правниот факултет, како и во “Студенски збор“ и во магазинот “Политичка мисла“.

На постдипломски студии се запишала на Факултетот за политички науки и дипломатија при Универзитетот ФОН во Скопје, на насоката – меѓународна и европска политика и дипломатија. Успешно го одбранила магистерскиот труд “Уставно-правните и политичките аспекти на надворешната политика со посебен осврт на искуствата на Република Македонија” под менторство на проф. д-р Димитар Мирчев и се стекнала со научен назив: магистер на политички науки, област европска и меѓународна политика и дипломатија. 

На докторски студии се запишала на Правниот факултет во Штип, насока – политички науки-политички системи. Успешно ја одбранила докторската дисертација “Признавањето на државите во меѓународното право и меѓународните односи” под интерно менторство на проф. д-р Јован Ананиев и екстерно менторство на проф.д-р Панде Лазаревски и се стекнала со научен назив: доктор на политички науки.

Во 2009 година ја добила наградата за посебни заложби од страна на Канцеларијата на УСАИД во Скопје, за докажано лидерство и континуирана поддршка во процесот на развој и имплементација на Автоматскиот Систем за распределба на ЦЕМТ дозволи, како и за раст на транспарентноста, чесноста и посветеноста во рамките на проектот на УСАИД, наречен ЕВлада.

Во 2015 година, доц.д-р Анета Стојановска-Стефанова доби Орден на Заслуги “Претеча“ за особен придонес во обновата на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител.

Во 2009 и 2017 година била избрана за советник во Советот на Град Скопје, каде била претседателка на Комисијата за образование и член на Комисијата за меѓународна соработка.

Во 2015 година била избрана во асистент - докторанд на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип на Факултетот за туризам и бизнис логистика, во научната област: меѓународни односи и историја на дипломатијата.

Во 2019 година била избрана во наставно-научно звање доцент на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип на Факултетот за туризам и бизнис логистика, во научните области: политички системи и меѓународни односи и историја на дипломатијата. 

Во 2020 година била избрана за раководителка на Катедрата Бизнис Логистика на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип, а во 2023 година е реизбрана на истата позиција.

Во 2024 година е избрана во наставно-научно звање вонреден професор на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип на Факултетот за туризам и бизнис логистика, во научната област меѓународни односи и дипломатија.

За нејзината научно-истражувачка дејност говорат објавените книги, монографии и учебни помагала, како и научните трудови објавени во релевантни научни списанија во земјата и странство.