ЈАЗИКОТ, КУЛТУРАТА И ФОЛКЛОРОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ ВО РЕПУБЛИКА ТУРЦИЈА

Цели на проектот
Предложениот проект има двојна цел:
1. што поскоро комплетирање на јазичниот и фолклорниот материјал надвор од границите на Република Македонија, и
2. Објавување монографија со анализа на јазичниот, фолклорниот и етнографскиот материјал, со голем број илустративни текстови.
Задачи на проектот
Проектот има поставено неколку задачи од кои се очекуваат следниве резултати:
- собраниот јазичен материјал ќе даде јасна слика за состојбата на Македонците, иселеници во Република Турција;
- собраниот материјал од областа на фолкорот и обичите на македонските иселеници во Република Турција ќе ги покаже нераскинливите врски со матичната држава како колективна меморија, заедничка и за иселениците, но и за жителите во Република Македонија
Очекувани резултати и нивна примена
- изработка на монографски описи за јазикот, фолклорот, етнографијата и социолингвистичките пројави на теренот во Република Македонија и Република Турција;
- збогатување на лексичкиот фонд за дијалектниот речник и речникот на архаизми на полето на јазикот и на фолклорот.
Фази на истражувачката постапка
Основа во истражувачката постапка е теренското анкетирање. На овој начин се добива автентичен материјал кој понатаму подлежи на научна обработка. Со овој проект се предвидува стручна обука на експлоратори кои ќе одат на терен. Основа во истражувањата се материјалите што се добиени од анкетирањето на теренот. По потреба, ќе се врши и ексцерпција на материјали за оние пунктови за кои веќе постојат записи (објавени или необјавени). Во текот на работата, соработниците ќе го испишуваат материјалот во соодветен индекс, а потоа јазичните единици ќе се групираат во соодветни етимолошки гнезда. Ваквиот начин на работа ќе овозможи целосен преглед на материјалот од кој ќе произлезе картографската обработка.
Што се однесува до динамиката на истражувањето и распределба на работата врз проектот, во текот на наредниот двегодишен период се планираат повеќе активности поврзани со првата фаза од овој проект, а тоа е собирање дијалектен и фолклорен материјал од македонските говори во Р. Турција, ексцерпција на
материјалот, електронски записи. Звучните записи во натамошната обработка ќе бидат стручно обработени и испишани во текст верзија, а пота ќе се пристапи кон фонетско-фонолошка, морфолошка, синтаксичка и лексичка анализа на јазичниот материјал, а исто така ќе се направи литерарна анализа на собраниот фолклорен материјал.
Се планира, соработниците да се вклучат во теренските истражувања на територијата на Р Македонија, но истовремено ќе се воспостават контакти со иселениците во Република Турција, и тоа веднаш по одобрувањето на проектот, почетокот на 2016г.
Динамика на истражувањето
Почетокот на работата се предвидува за втората половина на 2017 година (септември-октомври).
Теренските истражувања ќе траат половина година.
По потреба ќе бидат ангажирани и соработници од други институции.
Во почетокот на 2018 ќе се започне со ексцерпција на собраниот материјал, којшто подоцна ќе биде подложен на научна анализа.
Во втората половина на 2018 година следува финалната реализација на проектот, односно интерпретација на научните сознанија и публикација на монографија (2019).
Очекувани резултати и нивна примена
Основни корисници на резултатите од истражувањата за Јазикот, културата и фолкорот на македонските иселеници во Република Турција ќе бидат научните работници од областа на лингвистиката, фолклористиката, литературната наука, институтите, академиите на науките и, секако, институциите поврзани со културата, пред сè, ресорните министерства и на Република Македонија и на Република Турција.
Веруваме дека печатеното издание од Јазикот, културата и фолкорот на македонските иселеници во Република Турција ќе биде присутно во сите поголеми библиотеки во светот.
Втората половина на XX век е време на афирмација на дијалектолошката наука во лингвистиката и тоа во нејзиниот современ вид - претставување на дијалектните факти низ методите на лингвистичката географија. Тоа значи дека нашата активност врз Јазикот, културата и фолкорот на македонските иселеници во Република Турција само се вклопува во општите интенции присутни во лингвистичките центри во Европа.
Учесници во проектот: Проф.д-р Јованка Денкова (раководител), Проф.д-р Марија Леонтиќ, проф.д-р Гоце Цветановски, м-р Христина Андоновска, Рабие Рушид, Наташа Димитрова