CV

Авторот проф. д-р Гавриловски Гоце е роден на 7-ми февруари 1978 година во Охрид. Студиите на одделот по Композиција ги завршува во 2002 година, како прв студент во класата на проф. м-р Гоце Коларовски, со симфониска суита „Фолклорна обредна ракатка”, за голем симфониски оркестар. Истата година запишува втор циклус на студии на одделот - Теорија на оркестрација, на Факултетот за музичка уметност кај проф. д-р Томе Манчев. Магистерските студии ги завршува во 2008 год. со трудот „Присутноста, употребата и улогата на музичките инструменти во дел од оркестарското творештво на композиторот Властимир Николовски”. Во 2011 година на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје на кандидатот Гавриловски Гоце му е прифатена темата за изработка на докторска дисертација „Фолклорот и неговата уметничка транспозиција во дел од симфониското творештво кај македонските композитори“, под менторство на проф. д-р Родна Величковска, а истата е одбранета на 25.12.2015 год., со што се стекнува со титула - доктор по фолклористика.                                                    

Композиторот Гавриловски Гоце учествувал на повеќе меѓународни семинари, фестивали и конференции по композиција и филмска музика во Македонија и странство, кај бројни реномирани светски композитори, како: А. Шчетински, Е. Годибер, А. Радвиловиќ, Џ. Вулрич, К. Швон, Ф.Сархан, Џ. Темпл, И. Курц, Р. Фебел и др.

Автор е на повеќе: солистички, вокални, камерни, хорски, вокално- инструментални и оркестарски композиции. За дел од нив е добитник на домашни и меѓународни награди. Неговите изведени дела се снимени на носачи на звук. Во 2016 година го издава и своето авторско ЦД, составено од 10 концертни изведби на композиции за разни состави насловено како „Works“.

Општествено е активен и како член на СОКОМ- Сојуз на композиторите на Македонија од 1996 година, како и ЗАМП (Здружение за заштита на авторски музички права), од 1996 година, а во неколку мандати е и член на Собранието.                                                                                                  

Од 1998- 2002 год., Гавриловски Гоце хонорарно е ангажиран на Музичката програма во Македонското радио, истовремено и како продуцент во Музичката продукција на МРТВ.

Од 2002- 2009 год., Гавриловски Гоце работи како педагог-  наставник по пијано на ОМУ „Методи Патче“- Охрид, каде со учениците од неговата класа се стекнува со високи награди и признанија, на музички натпревари во земјата и странство.

Гавриловски Гоце е избран во звање доцент на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип во 2009 година, од 2013 година работи како вонреден професор на Музичката Академија при УГД во Штип, а од 2019 година работи како редовен професор