Колекционирање, карактеризација и евалуација на домашна и интродуирана гермплазама од ориз

Еден од основните услови за зголемување на приносот и квалитетот кај оризот во Република Македонија е подобрувањето на сортниот состав во производството. Најчест и најбрз метод за обезбедување нов, генетски различен растителен материјал е интродукцијата. Интродуираните сорти можат да се искористат за директно воведување во производството, откако добро ќе се аклиматизираат и стабилизираат, а исто така и како почетен материјал за создавање на нови комбинации и генотипови. Приспособувањето на интродуираните сорти кон новите услови во регионот е различно кај различни сорти и зависи од нивната еколошка пластичност, односно од взаемното дејство на нивниот генотип и условите на средината во која се интродуираат. Некои од нив многу полесно и побрзо се аклиматизираат, иако многу често надворешните услови во новиот регион значително се разликуваат од оние во регионот од каде потекнуваат, додека други воопшто не успеваат. Според податоците од многубројните истражувања пренесувањето на растенијата од еден регион во друг е толку поуспешно колку што е поголема сличноста на регионите во однос на климатските карактеристики.

         Во оризопроизводството кај нас познат е примерот со интродуираните италијански сорти кои поради нивната добра еколошка пластичност веќе се одомаќинети и подолг период претставуваат основни сорти во нашето оризопроизводство. Во педигрето на селекционираните домашни сорти ориз учествуваат исто така интродуирани сорти од странство. 

          Покрај тоа што одгледувањето на интродуирани сорти од странство може да биде доста ефективно, не секогаш условите во новиот регион одговараат на интродуираните сорти. Затоа при воведувањето на интродуирани сорти, особено од географски пооддалечени региони, неопходно е нивно правилно евалуирање во однос на однесувањето и постигнувањата во новиот регион. Таквите испитувања ќе претставуваат една од основните цели на овој проект.

Исклучителна вредност како извор на генетска варијабилност имаат природните популации и селекционираната домашна гермплазма од ориз. Оттаму, со правилната карактеризација и евалуација на тој материјал ќе се испитаат можностите за негово подобрување и искористување.

Цели на планираните истражувања:

-  Обезбедување на поголем генетски полиморфизам како основа за поголема можност како за директно избирање на супериорни генотипови и нивно воведување во производството, така и за креирање на нови хибридни комбинации како почетен материјал за создавање на нови домашни генотипови ориз;

-    Проширување и подобрување на сортниот состав во производството на ориз во Република Македонија;

- Зголемување на приносот, квалитетот и рентабилноста во оризопроизводството кај нас, преку воведување на поприносни, средно рани сорти, отпорни на болести и полегнување и поквалитетни од веќе постоечките.

       Најчест и најбрз метод за обезбедување нов, генетски различен растителен материјал е интродукцијата.

       За таа цел, во првата година, веднаш на почетокот на реализацијата на проектот ќе се воспостави соработка со слични странски институции заради обезбедување на одреден почетен материјал. Соработката ќе биде насочена особено кон обезбедување на семе од сорти ориз кои се наоѓаат на Европската сортна листа и масовно се произведуваат во региони со слични климатски услови на нашите оризопроизводни региони.

        Добиениот материјал, за време на вегетацијата на оризот (мај-октомври) ќе биде одгледуван во полски услови.

Интродукцијата на растенијата и растителниот репродуктивен материјал претставува потенцијална опасност од пренесување на причинители на различни болести и штетници заедно со интродуираниот материјал. Заради тоа при интродукцијата мора да се спроведува строга карантинска политика. За да не се дозволи пренесување на опасни карантински болести, инсекти и плевели, репродуктивниот материјал ќе биде соодветно изолиран и третиран. Согласно постоечките карактеризациски и евалуациски дескриптори за ориз, експерименталниот материјал во текот на вегетацијата, како и за време на жетвата, а подоцна и лабораториски ќе биде анализиран и проучен од аспект на позначајните морфолошки, биолошки, производни и технолошки карактеристики. Таквите истражувања би биле реализирани за 3 месеци по жетвата.

          Врз основа на добиените резултати од истражувањата во првата година, согласно поставениот модел на сорта, ќе бидат издвоени најсупериорните генотипови.  

          Паралелно со проучувањето на интродуираната гермплазма ќе се анализира и домашна гермплазма. Врз основа на резултатите ќе се утврди можноста за нејзино подобрување и натамошно искористување.

      Бидејќи интродуираниот материјал во првите години при аклиматизацијата различно се однесува во различните години, неопходно е проучувањата кај истиот, од аспект на негово евалуирање да продолжат и во наредната година. Покрај тоа, издвоените најперспективни генотипови од првата година, во втората година ќе бидат и споредбено испитувани во микро сортни опити, со цел утврдување на нивната производна и употребна вредност. Испитувањата ќе бидат спроведени во текот на вегетацијата на оризот (мај-октомври), за време на жетвата, а по жетвата и лабораториски, во период од 3 месеци.  Најперспективните генотипови ќе бидат пријавени до Државната сортна комисија заради воведување во Националната сортна листа и дозвола за нивно размножување и одгледување во широкото производство. На тој начин, освен можноста за проширување и подобрување на сортиментот во производството на ориз, би добиле и пореални сознанија за насоките и достигнувањата на селекцијата на ориз во земјите од кои потекнува интродуираниот материјал.

           Во втората година, исто така, ќе  се продолжи со колекционирање и проучување на нови генотипови, а од испитувањата на домашните генотипови ќе се издвои материјал кај кој понатаму ќе може да се интервенира за негово подобрување.

           Споредбените полски експерименти ќе бидат репрезентативно обележани со цел производителите да имаат можност директно да ги запознаат новите генотипови. 

           Добиените резултати од истражувањата ќе бидат објавени во научни трудови кои ќе допринесат за поголема афирмација на производството на ориз кај нас, како и за афирмација на универзитетот како носител на истражувањата.

           Истражувањата од ваков карактер треба да имаат поголем континуитет, но за постигнување на поставените почетни цели времетраењето на истражувањата би било 24 месеци.