Владимир  Лазаревски студира инструмент обоа на Националната Музичка Академија „Панчо Владигеров” во Софија, кај проф. Георги Желјазов, каде што дипломира и магистрира во 2003 година. Една година подоцна Владимир добива целосна стипендија од музичката академија „Лонџи” во Бостон, САД, каде заминува да се усовршува како обоист и камерен музичар. Таму учи во класата кај проф. Вејн Рејпиер и проф. Марк МекЕван, врвни обоисти на оркестарот на Бостонската филхармонија, каде ги заокружува своите постдипломски студии во 2006 година. Во периодот (2007- 2009) година, успешно ги заврши студиите по програма на  Универзитетот „Курт Бош“ од Сион, Швајцарија и се здобива со звањето МБА - Магистер по бизнис администрација, а во Февруари 2012 година, успешно ја брани својата докторска дисертација  на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“во Софија и се здоби со титула ДОКТОР на музички науки и музичка уметност.

Како член на квартетот „мјузикпрогресив“, Лазаревски е добитник на наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во 2012 година. Исто така е лауреат на меѓународниот музички натпревар Алегро Виво во Австрија 2002 г. и добитник на 3-та награда на натпреварот „Земјата и Луѓето”, Бугарија 2001.  Освојува и први награди на државните натпревари во Македонија во 1996 и 1997 година. Својот музички профил го усовршува на многубројни семинари и мајсторски класови кај еминентни обоисти како Инго Горицки, Давид Валтер, Паул Гуди, Хелмут Мецера и др.

Владимир Лазаревски има бројни настапи на фестивали во земјава и странство како: Моцартеум и Алегро Виво во Австрија, Бостонски музички вечери во САД, фестивалот Дартингтон во Англија, Гдањско музичко лето во Полска, Блуз и Џез Рели фестивалот во Луксембург, Скопско Лето, ДММ, БИТфест, Балкан класикал мјузик фестивал, Штипско културно лето, фестивалот МОДОАРС,  и др. Секако, на ова се приклучуваат и настапите како солист со оркестар: Македонската филхармонија (1998, 2012), со ансамблот „Арс Барока“ во Софија, Битола и Крива Паланка, (2003,2013),  со Академскиот симфониски оркестар во Бугарија (2012) и со оркестарот на West Coast symphony од Канада во Македонија и Канада (2012,2013).

Како обоист и солист на англиски рог, свири во составот на голем број ансамбли и тоа: Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Сараевската филхармонија, Симфониските оркестри во Пазарџик и Враца, Р. Бугарија, Нов симфоничен и Академскиот симфоничен оркестар во Софија, Камерниот оркестар на Лонџи, САД, Колегиум-музикум Банкјаод Бугарија,West Coast symphony од Канада, Оркестарот Warmińsko-Mazurskiej од Полска и др.

Актуелно, Владимир Лазаревски е вработен како вонреден професор по обоа и камерна музика на Факултетот за музичка уметност при државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Тој е член на MusicProgressiveQuartet како и хонорарен музички соработник на Македонската филхармонија, државниот факултет за уметности и средното музичко училиште во Тетово,  симфонискиот оркестар за филмска музика „ММЕ“ при МРТ. Од 2011 година ја извршува и функцијата на претседател на управниот одбор на НУ „ Македонска филхармонија. “