Д-р Зоран Десподов, дипл.руд.инж., е роден на: 18.09.1965 год., во општина Делчево. Основно образование завршил во родното место, а општа гимназија во Делчево. Дипломирал на Рударско-геолошкиот факултет во Штип,Универзитет “Св.Кирил и Методиј” –Скопје, на рударскиот оддел, во мај 1990 год., со просечен успех 8,51, и бил прогласен за најдобар студент во генерацијата.
Во февруари 1991 год., се вработил на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, како соработник-помлад асистент по предметите: Технологија на подземна експлоатација и Подземен транспорт и извоз.
Во декември 1996 год., магистрирал на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, на тема: Избор на оптимални параметри на локомотивскиот транспорт на главните хоризонти во рудниците за олово и цинк: Злетово, Саса и Тораница , под менторство на проф.д-р Милош Грујиќ.
Во јуни 1998 год., во рамките на подготовките за изработка на докторска дисертација, бил на студиски престој, во траење од 20 дена во Институтот за рударска механизација, Политехнички универзитет Шлеска, во Гливице, Р.Полска.
На 19 јуни 2002 год., на Рударско-геолошкиот факултет во Штип докторирал на тема: Одредување на оптимални параметри на лентестите транспортери за нивна примена во рудниците за метални минерални суровини со подземна експлоатација во Р.Македонија, и се стекнал со научна титула доктор на технички науки. Докторската дисертација ја работел под менторство на проф.д-р Милош Грујиќ.
Со Одлука бр.0202-267 од 22.11.2002 год., донесена од Наставно-научниот совет при Рударско-геолошкиот факултет во Штип бил избран во наставно звање доцент по предметот Руднички транспорт. Потоа, со Одлука бр.0202-88 од 2.04.2007год., донесена од страна на Наставно-научниот совет на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, на седница одржана на: 30.03.2007 год., бил избран во наставно звање вонреден професор по наставната дисциплина Руднички транспорт.
Од септември 2007 год., е вработен на Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип, при Факултетот за рударство, геологија и политехника, а денес Факултет за природни и технички науки, и работи како наставник кој е ангажиран на студии од прв, втор и трет циклус, каде што на судиската програма Рударство ги покрива наставните дисциплини: Рударски транспорт 1 и 2, Рударски извозни постројки,Технологија на подземна експлоатација, а исто така постојано е ангажиран како наставник и на студиските програми: Индустриска логистика, Индустриски менаџмент и Инженерство на работна и животна средина. Две учебни години бил ангажиран како наставник и на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип, каде ја предавал наставната дисциплина Логистички менаџмент.
Во март 2013 год. е избран во звање редовен професор во научната област Транспортни и извозни постројки на Факултетот за природни и технички науки- УГД Штип.
Стручно-апликативна и организациско развојна дејност
На стручен план голем е неговиот придонес во изработка на апликативни проекти за рудниците со подземна експлоатација на металични минерални суровини, во форма на главни рударски проекти, дополнителни рударски проекти, студии и елаборати, дадени во прилог 2, каде посебно би го истакнале неговото ангажирање во рудникот за производство на оловно-цинкова руда “Саса” од М.Каменица.
За посебниот придонес и квалитетната соработка со рудникот “Саса”, Катедрата за подземна експлоатација при ФПТН, под негово раководство има добиено Благодарница од страна на рудникот, по повод петтгодишниот јубилеј од неговото рестартирање.
Меѓутоа, проф.д-р Зоран Десподов активно работел и на истражувањата во врска со експлоатацијата на неметалните минерални суровини. Постојано бил присутен со свои трудови на научни и стручни собири посветени на експлоатацијата на јаглените во Р.Македонија и пошироко. Тој бил ангажиран во изработката на Физибилити студијата за почеток за експлоатација на јаглен од јагленовото наоѓалиште “Неготино” - Неготино, финансирана од Министерството за економија при Владата на Р.Македонија, и тоа како главен проектант за подземна експлоатација.
Четири пати бил избиран за потпреседател на Стручното советување со меѓународно учество ПОДЕКС, во организација на Сојузот на рударски и геолошки инженери на Македонија(СРГИМ) и Факултетот за природни и технички науки,УГД-Штип, каде активно учествувал и со стручни трудови. Исто така, бил главен и одговорен уредник на Зборникот на трудови презентирани на ПОДЕКС.
Активно учествувал со научни и стручни трудови во информативно-стручната ревија Македонско рударство и геологија публикувана од СРГИМ, каде што е член на издавачкиот и редакцискиот совет.
Од страна на Институтот за акредитација на Р.Македонија (ИАРМ) е ангажиран како технички експерт- оценувач на инспекциски тела за рударска опрема. Во врска со претходното посетувал семинар во рамките на европскиот проект - Техничка помош за зајакнување на капацитетите на ИАРМ , за имплементација на стандардот ISO/IEC 17020:2004, кој успешно го завршил.
Во текот на неговата работна кариера извршувал и денес извршува одредени функции во рамките на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип. Во два последователни мандати бил избран за Раководител на Катедрата за подземна експлоатација при ФПТН, а како претставник од ФПТН еден мандат бил член на Универзитетскиот сенат, во чија работа успешно учествувал. Моментно ја обавува функцијата продекан на Факултетот за природни и технички науки, при УГД- Штип.