Информации

Д-р Анета Стојановска-Стефанова e вонреден професор во наставно-научната област меѓународни односи и дипломатија на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип. 

Родена е во Штип на 28.01.1982 година. Основно образование во Основно училиште „Димитар Влахов” – Штип каде во 1996 година е прогласена за најталентиран ученик на својата генерација. Средно образование завршува во Гиманзијата “Славчо Стојменски“ во Штип со одличен успех, каде била главен и одговорен уредник на средношколскиот весник “Мотив“. За време на средношколскиот период била потпретседател на Унијата на средношколци на Македонија. За време на основното и средното образование добитник е и бројни литературни награди за проза и поезија на литературни натпревари.

Образованието го продолжува како редовен студент на Правниот Факултет “Јустинијан Први“ во Скопје, на Отсекот за Политички науки. За време на студирањето била стипендијант на германската Фондација “Конрад Аденауер“ и практикант во Собранието на Република Македонија преку американскиот Национален Демократски Институт (НДИ).

На постдипломски студии се запишува на Факултетот за политички науки и дипломатија во Скопје, насока – меѓународна и европска политика и дипломатија. Успешно го одбранила магистерскиот труд “Уставно-правните и политичките аспекти на надворешната политика со посебен осврт на искуствата на Република Македонија” под менторство на проф. д-р Димитар Мирчев и се стекнала со научен назив Магистер на политички науки.

На докторски студии се запишува на Правниот факултет во Штип, насока – политички науки-политички системи. Успешно ја одбранила докторската дисертација “Признавање на државите во меѓународното право и меѓународните односи” под интерно менторство на проф. д-р Јован Ананиев и екстерно менторство на проф.д-р Панде Лазаревски и се стекнала со научен назив Доктор на политички науки.

За време на студирањето и потоа, активно објавува свои трудови во списанието “Став“ на Правниот факултет “Јустинијан Први“, во списанието “Студентски збор“, и во магазинот “Политичка мисла“.

Во научно-истражувачката дејност се афирмира преку учество и презентации на стручни трудови на конференции, семинари, научни проекти и отворени трибини во земјата и странство. За време на образованието, како и во работната кариера, посетувала и бројни национални и меѓународни обуки и тренинзи.

Во 2009 година ја добила наградата за посебни заложби од страна на Канцеларијата на УСАИД во Скопје, за докажано лидерство и континуирана поддршка во процесот на развој и имплементација на Автоматскиот Систем за распределба на дозволи, како и за раст на транспарентноста, чесноста и посветеноста во рамките на проектот на УСАИД, наречен ЕВлада.

Во 2015 година, доц.д-р Анета Стојановска-Стефанова добила Орден на Заслуги “Претеча“ за особен придонес во обновата на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител.

Во 2017 на локалните избори по втор пат е избрана за член на советот на Градот Скопје, каде била претседателка на Комисијата за образование и член на Комисијата за меѓународна соработка.

Во 2015 година била избрана во асистент - докторанд на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип (УГД) на Факултетот за туризам и бизнис логистика, во научната област: меѓународни односи и историја на дипломатијата.

Во 2019 година била избрана во наставно-научно звање доцент на Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип (УГД) на Факултетот за туризам и бизнис логистика, во научните области: политички системи и меѓународни односи и историја на дипломатијата.

Во 2020 година била избрана за раководителка на Катедрата Бизнис Логистика на Факултетот за туризам и бизнис логистика (ФТБЛ) при Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип, а во 2023 година е реизбрана на истата позиција.

За нејзината научно-истражувачка дејност говорат објавените трудови во релевантни научни списанија, книги, монографии и учебни помагала во земјата и странство.