Информации

Македонскиот баритон Борис Трајанов (роден во Љубљана, Словенија 1959 година) дебитира на оперската сцена на Македонскиот Народен Театар во Скопје на 16 февруари 1986 година. Во својата 32 годишна кариера, како носител на исклучиво главни баритонски улоги, има настапено во 714 претстави (до 12.05.2018 г.), на повеќе од 70 оперски сцени ширум светот од кои 576 претстави во Западна Европа, С.А.Д., Бразил, Јужна Африка, Јужна Кореја и Русија, 74 на просторите на некогашна Југославија (без Република Македонија) и 63 оперски претстави во Македонија со Македонската опера. Земјите во кои има најповеќе настапувано се Германија (337 претстави на 26 оперски сцени), Италија (91 претстави на 30-тина оперски сцени) и Австрија (70 претстави). Паралелно со кариерата на оперските сцени од септември 2008 тој е професор по соло пеење на Музичката академија при Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои „Уметник за мир на УНЕСКО“ (Париз, 24.02.2005), Државната награда за животно дело „11 Октомври“ (Скопје, 11.10.2012) и Национален уметник на Република Македонија (Скопје, 08.09.2014)