БИОГРАФИЈА
ДЕЈАН ЛАЗАРЕВСКИ
Основното и Средното музичко училиште го завршува во родниот град во Државниот музички училиштен центар „Сергеј Михајлов“ - Штип. Дипломира класична гитара на ФМУ - Факултетот за музичка уметност при Универизтетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, започнувајќи ги студиите под менторство на проф. Војислав Ивановиќ, а дипломира под менторство на проф. Тања Јанкова со назив: академски музичар - класична гитара. На истата институција магистрира на отсекот класична гитара во 2012 година и се стекнува со диплома со назив: магистер по музички уметности -интерпретација на класична гитара, исто така под менторство на проф. Тања Јанкова.
Во текот на своето образование учествува на повеќе работилници и семинари одржани од страна на повеќе еминентни професори од светски ранг, како што се: Вера Огризовиќ, Костас Котсиолис, Герхард Рајхенбах, Бошко Радојковиќ и други. Уште за време на студиите како наставник по гитара почнува да предава хонорарно во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје. По дипломирањето се вработува како професор по гитара во Музичкото училиште „Стефан Гајдов“ во Велес и паралелно работи во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје. Во 2009 година се вработува во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, како професор по гитара, каде што работи и денес. Во моментот е насловен вонреден професор по класична гитара на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во текот на своето образование м-р Дејан Лазаревски зема учество на многу државни и меѓународни натпревари, каде што освојува високи награди. Лазаревски исто така бил и член на жири комисии на интернационални, државни, регионални и општински натпревари, како член на комисија во Здружението на директори и наставници на музичиките и балетските училишта на Македонија, Здружението на музичките педагози на Р. Македонија, Интернационалниот фестивал „Тремоло“, Здружението на гитаристи „Бастет“ - Скопје, Интернационалниот натпревар „Сергеј Михајлов“, "Winter Music Competitions". Активно учествува и во проектот "Мusic Entertaiment" - Француска продукциска куќа, во рамките на МРТВ.
Води успешно менторирање на голем број ученици на државните и меѓународните натпревари, каде што учениците бележат бројни успеси.
Бил предавач на Летната школа за класична гитара, под покровителство на „Струмица Опен фестивал“ во 2014, 2016 и 2017 година, како и во 2014 година на SGF, "Skopje Guitar Festival", во Скопје, потоа во Музичкото училиште „Пијано форте“ во Скопје како предавач на работилница.
Како солист и камерен музичар Лазаревски има настапувано на повеќе концерти, а дел од нив се: солистички концерти во Ликовен салон во Велес и ОУК „Дом на млади“ - Штип во 2021 година; солистички концерт во НУЦК “Ацо Шопов”- Штип ,2022 година; камерни концерти, дуо гитара со Горан Тонев во НУЦК „Антон Панов“ - Струмица и ОУК „Дом на млади“ - Штип во 2021 година. Има настапувано како солист и на Интернационалниот фестивал за гитара „Тремоло“, КИЦ „Салон 19:19“ - Скопје во 2017 година. Тој исто така има настапувано и со камерниот состав „Класична гитара и кларинет“ со Иле Колев на „Штипско културно лето“ во 2014 година, во Ликовниот салон – Велес во 2015 година, „Радовишко културно лето“ во 2013 година. Како член на камерниот состав „Дуо гитари“ со Виктор Пешчеров има настапувано на "Skopje Guitar Festival" во Скопје, во Сала „Фросина“ при МКЦ во 2015 година, како и концерт во "Horten Kulturskole" во Хортен, Норвешка во 2022 година.