ЕВАЛУАЦИЈА НА НАСТАВАТА ПО ЈАЗИК И КНИЖЕВНОСТ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Истражувачки тим:

 

Раководител на Проектот (главен истражувач): проф. д-р Виолета Димова

 

Учесници во Проектот: проф. д-р Нина Даскаловска, проф. д-р Драгана Кузмановска, проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска, проф. д-р Ранко Младеноски, проф. д-р Марија Леонтиќ, проф. д-р Махмут Челик, доц. д-р Даринка Маролова, доц. д-р Весна Коцева, виш лектор м-р Снежана Кирова, виш лектор м-р Биљана Иванова, виш лектор м-р Марија Тодорова, м-р Татјана Уланска, м-р Марица Тасевска, м-р Марија Гркова, проф. д-р Светлана Јакимовска, доц. д-р Ева Ѓорѓиевска, доц. д-р Ана Витанова Рингачева, лектор м-р Надица Негриевска, асистент-докторанд Јована Караникиќ Јосимовска, асистент м-р Наташа Сарафова, асистент м-р Кристина Костова.

Предмет на истражување

Предмет на истражување на овој Проект се можностите за евалуација на наставниот процес во високото образование, во наставата по јазик и книжевност. Ќе се истражуваат различни видови евалуациски постапки, со цел да се утврди остварливоста на целите и задачите на наставата и учењето, кои се трансформираат во квалитативни и квантитативни промени во развојот на студентите. Евалуацијата ќе се одвива и во самиот процес на учењето, како и на крајот, како завршна фаза во процесот на наставата, односно ќе се спроведе формативно и сумативно оценување на постигнувањата и на студентите и на нивните наставници. Наставниците го евалуираат наставниот процес за да го определат нивото на успешност на својата наставна пракса и да ги споредат своите наставнички вештини со вештините на своите колеги. Со евалуација на наставата се следи и процесот на реализација на новите курсеви по одделни студиски програми, а од студентите се добиваат непосредни информации за тоа што навистина мислат за самиот курс. Повратните информации за наставниот процес ќе се добиваат со собирање податоци од страна на студентите и колегите наставници, а евалуацијата ќе се спроведува со помош на евалуациски ливчиња, анкети, структурирана групна дебата или по пат на e-mail прашалник. Важен дел од евалуацијата на наставниот процес е критичкото пријателство, што е еден нов и провокативен начин за добивање информации. Предмет на овој Проект ќе бидат видовите евалуации и ќе бидат дадени примери на евалуациски постапки. Ќе се обидеме да го дефинираме поимот и теориски да го втемелиме акциското истражување и критичкото пријателство. Проектот ќе го спроведеме со студентите на Филолошкиот факултет од втора, трета и четврта година на студии, како и дел од професорите што предаваат на овие студенти, и тоа не само задолжителни, туку и изборни предмети и курсеви.

Цели на Проектот

Овој Проект има две главни цели:

1. Да се истражат различни видови евалуациски постапки со цел да се утврди остварливоста на целите и задачите на наставата и учењето во високото образование;

2. Да се истражат можностите за проверка и вреднување на наставниот процес во високото образование и за унапредување на студиската програма по методиките на филолошките факултети, која ќе помогне во подетално дефинирање на наставничките компетенции на студентите – идни наставници по македонски, англиски, германски, италијански и турски јазик и книжевност.

Во Проектот ќе бидат вклучени студентите запишани во втора, трета и четврта година на студиските програми по македонски, англиски, германски, италијански и турски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип, како и дел од наставничкиот и соработничкиот кадар на Факултетот.

Реализација на Проектот

Проектот ќе се одвива во следните фази:

1. Разгледување на досегашните истражувања во врска со евалуацијата и евалуациските пристапи во високото образование. Во светот досега се извршени голем број истражувања: Achinstein, B., Meyer. T. (1997), Bognar, B. (2006), Fulerton, H. (2003), Hounsell, D. (2003), Scriven, M. (1966), Simmons, B. (2004). Кај нас до сега се извршени  истражувања во врска со евалуацијата во наставата по странски јазици и книжевности, како проект на Филолошкиот факултет во Скопје, на УКИМ, (Димова, В. 2016, Андреевска Ј. 2016, Балоска С. 2016 итн.);

2. Креирање инструменти за евалуација - За спроведување на евалуацијата ќе се применат следните евалуациски постапки: Посматрање на наставниот процес, Наставничко портфолио, Анкетирање, Интервју, Игри за евалуација, Групна расправа, Проценување;

3. Избор на студенти-учесници во Проектот за спроведување на акциското истражување и реализација на евалуациска работилница од катедрите за македонски, англиски, германски, италијански и турски јазик и книжевност;

4. Креирање портфолио на студентите-учесници во Проектот Студентите што ќе бидат вклучени во Проектот ќе имаат свое портфолио во кое ќе се внесуваат резултатите од нивното формативно и сумативно оценување со евалуација и самоевалуација од третиот до осмиот семестар;

5. Издавање на книга во која ќе се опишат резултатите и искуствата од истражувањето. Стекнатите искуства ќе бидат посебно значајни за  лицата вклучени во образованието, како за креаторите на наставни програми, така и за изведувачите на наставата.

Временска рамка за реализација на Проектот

Гореопишаните активности ќе бидат распределени во следнава временска рамка:

Месеци 1-6: Разгледување на досегашните истражувања (точка 1), креирање на инструменти за евалуација за спроведување на евалуациските постапки за оценување и вреднување на студиските програми, како и на компетенциите на студентите, запишани на сите студиски групи на Филолошкиот факултет (точка 2);

Месеци 7-18: Избор на студенти-учесници во Проектот и реализација на евалуациски работилници (точка 3) и креирање портфолио на студентите учесници во Проектот (точка 4);

Месеци 19-24: Издавање на книга (точка 5).

Очекувани резултати и нивна примена

1. Изработка на инструменти за евалуација кои понатаму ќе си го најдат трајно своето место во наставата во високото образование;

2. Изработка на студентско портфолио, како резултат од сумативните и формативните оценувања;

3. Издавање на книга во која ќе бидат изнесени сите искуства и резултати од истражувањето.