CV

Проф. д-р Горанчо Ангелов е роден во 1973 година во Штип каде го завршува основното образовани по кое продолжува во Средното музичко училиште кое го завршува во 1992 г. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1999 г. на отсекот за Музичка теорија и педагогија здобивајќи се со стручен назив: музичар теотеричар – педагог, изведувач на народни инструменти. Магистерските студии ги започнува во 2008 година на Државниот универзитет во Тетово, Факултет за уметности. Во 2010 година ја брани својата магистерска теза со наслов „Музичкиот инструмент ќемане во Македонија“, и се стекнува со научната титула магистер по етномузикологија. Во 2013 година е запишан на докторски студии по Етномузикологија на Институтот за етнологија и фолклористика со етнографски музеј, Катедра за етномузикологија и етнокореологија во Софија, Р. Бугарија. Во јануари 2021 година успешно ја брани својата докторска дисертација со наслов „Зурлаџиската традиција во Република Македонија“. По дипломирањето, Ангелов работи во Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, како инструменталист на гајда и кавал (1999-2000). Во 2000 година во Средното музичко училиште во Штип го воведува предметот Народни инструменти каде предава до 2012 г. Во периодот од 2007 до 2011 година Ангелов е вклучен во наставата на Факултетот за музичка уметност во Штип (денес Музичка академија) при Универзитетот „Гоце Делчев“, како стручњак од пракса по изборните предмети традиционални инструменти и оркестар на традиционални инструменти на Одделот за етнокореологија. Oд 2011 година Ангелов е избран во доцент по традиционални инструменти на Факултетот за музичка уметност, а од 2012 година е вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“, Факултет за музичка уметност во Штип, како доцент. Во август 2016 г. м-р Горанчо Ангелов е избран во звање вонреден професор. Во мај 2021 г. Ангелов е избран во звање редовен професор. Проф. д-р Горанчо Ангелов е активен теренски истражувач на инструменталната музичка практика на територијата на Р.С Македонија и надвор од неа.

Д-р Горанчо Ангелов е истакнат инструменталист на традиционални инструменти и активен теренски истражувач на вокален и инструментален фолклор. Член е на жири-комисија на фестивали за изворен фолклор (Ињево, Ораовица и Свети Николе), а учествува и во изработката на елаборати за валоризација на фолклорното добро, ангажиран од страна на Јавната научна установа Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје. Ангелов неколку години е предавач на семинарот за иворни народни инструменти и песни, семинар во рамките на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“  кој се одржува во општина Долнени и Прилеп. Од 2020 г. Проф. д-р Горанчо Ангелов е член на советот и член жири комисијата на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Во 2023 година Ангелов учествува во проектот за заштита на нематеријалното културно добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ да биде номинирано за впишување на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријалното културно наследство на човештвото.   заедно со номинацијата од страна на Република Турција.