Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи

Брзата и точна детекција на штетни агенси како што се радиоактивните, токсичните и експлозивните материи претставува значаен предуслов во успешната борба против итни безбедносни предизвици како што се терористички напади и воени закани со хемиски, биолошки и нуклеарни агенси. Генотоксините се едни од најопасните ксенобиотици бидејќи предизвикуваат оштетување на ДНК, притоа предизвикувајќи мутации кои може да доведат и до појава на канцер или смрт на организмот.  Уште посериозна е нивната токсичност ако се земе предвид дека овие мутации се пренесуваат и на идните генерации. Поради сериозноста на генотоксините се наметнува потребата за равој на брзи и осетливи оперативни системи кои ќе се имплементираат во „real-time“ детекција на генотоксични агенси на терен.

Под раководство на проф. д-р Георге Милошев од Институтот за молекуларна биологија при Бугарската академија на науките, проектот со наслов „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“ SPS MYP G5266, финансиран од програмата на НАТО „Наука за мир и безбедност“ е започнат во 2017 година. Во проектот како партнери учествуваат и научници од САД (Institute for Macromolecular Assemblies, CUNY) и Турција (Afyonkarahisar Health Science University). Притоа, во исполнување на целите на проектот е вклучен и тим од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“, предводен од проф. д-р Татјана Рушковска.

Овој проект е од огромно значење за Универзитетот „Гоце Делчев“ бидејќи е еден од ретките меѓународни проекти кој е финансиран од донатори од странство, во конкретниот случај од НАТО. Од друга страна, можноста за соработка со врвни институции од целиот свет, како што се Бугарската академија на науките, Institute for Macromolecular Assemblies, CUNY од САД и Afyonkarahisar Health Science University од Турција е од особено значење за наставно-научниот кадар при Факултетот за медицински науки поради можноста за блиска размена на искуства и знаења. 

1. Активности во рамките на Вториот конгрес на студентите по општа медицина

  • Проектот и нашите активности беа презентирани на Вториот конгрес на студентите по општа медицина кој се одржа од 9-10. 05. 2019 година, со предавање од страна на проф. д-р Татјана Рушковска на тема: „Метода на електрофореза на единечни клетки - можности за истражувања“.

Ruskovska, Tatjana (2019) Method of single cell electrophoresis – research opportunities. In: Second congress of students of general medicine, 09-10 May 2019, Stip, Republic of North Macedonia.

 

  • Воедно, под нејзино менторство, доц. д-р Викторија Максимова, студентите докторанди Мишко Милев и Милкица Јанева и студентката Наташа Кичукова презентираа апстракт на тема: „Оптимизација на метода на електрофореза на единечни клетки со боење со сребро нитрат“.

Kichukova, Natasa and Milev, Mishko and Janeva, Milikca and Maksimova, Viktorija and Ruskovska, Tatjana (2019) Optimization of silver staining method in single cell gel electrophoresis (Comet assay). In: Second congress of students of general medicine, 09-10 May 2019, Stip, Republic of North Macedonia.

  • Во рамките на студентскиот конгрес, беше одржана и работилница за студенти насловена како: „Комет метода – теоретски и практични аспекти“, преку која се овозможи тие да ги осознаат потенцијалите за примена на Комет методата.

2. Втор тренинг курс „Методи за детекција и евалуација на генотоксичност“

  • Во рамките на НАТО проектот Факултетот за медицински науки го организираше Вториот тренинг курс „Методи за детекција и евалуација на генотоксичност“, од 12-16. 05. 2019 година. На курсот беа организирани затворени сесии и тренинг активности за учесниците на проектот, со цел да се разменат досегашните резултати и постигнувања во рамките на проектот и да се направи детален план за претстојните активности, како и две отворени сесии на кои присуствуваа поголем број заинтересирани студенти од Факултетот за медицински науки.

http://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka-life/item/1959-proekt-genotoksicnost

https://youtu.be/ULTsx3dg2jk

На овие настани учествуваа партнерите од Бугарија (Бугарската академија на науките), САД (Institute for Macromolecular Assemblies, CUNY) и Турција (Afyonkarahisar Health Science University).

  • Дополнително, во текот на оваа тридневна посета кодиректорите на проектот се сретнаа и дискутираа за досега исполнетите и преостанати активности од проектот на одвоениот Состанок на кодиректори.

  • Во рамките на посетата е потпишан Договор за Еразмус соработка помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Afyonkarahisar Health Science University, што претставува нивна прва Еразмус соработка воопшто.

3. Одбранет дипломски труд од Наташа Кичукова

На ден 19.11.2019 год. кандидатката Наташа Кичукова, студент на студиската програма по Фармација – интегрирани студии од прв и втор циклус, го одбрани својот дипломски труд со наслов „Генотоксичност и цитотоксичност на капсаицин врз крвни клетки“.

Изработката на овој експериментален истражувачки труд е поддржана од НАТО проектот со наслов „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“, SPS MYP G5266.

Одбраната се одржа во просториите на Деканатот на Факултетот за медицински науки при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, пред тричлена комисија во состав:

-Проф. д-р Татјана Рушковска – претседател,

-Доц. д-р Даринка Ѓоргиева Ацкова – член и

-Доц. д-р Викторија Максимова – член и ментор.

На јавната одбрана беа присутни и други студенти и гости. Кандидатката успешно ја презентираше темата на својот дипломски труд и одговори на прашањата поставени од страна на членовите на Комисијата. Нејзината експериментална работа и презентацијата на резултатите беа оценети со највисока оценка, со што Наташа Кичукова се стекна со звањето Магистер по фармација.

4. Работилница за студенти на Трет циклус на студии на сите студиски програми на Докторската школа на Кампус 3

На 06.12.2019 година во Предавална 3 и во Биохемиската лабораторија во Текстилно училиште од страна на проф. д-р Татјана Рушковска и вонреден проф. д-р Невенка Величкова беше реализирана Работилницата со наслов: „Методи за детекција и евалуација на генотоксичност“, наменета за студенти на Трет циклус на студии на сите студиски програми на Докторската школа на Кампус 3.

Работилницата беше поддржана од НАТО проектот со наслов „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“, SPS MYP G5266.

Работилницата беше реализирана согласно предвидената програма и тоа:

Теоретски дел

  1. Воведно излагање и кратка информација за НАТО проектот – проф. д-р Татјана Рушковска
  2. „Хоризонтална електрофореза на единечни клетки во агарозен гел – Комет метода“ – проф. д-р Татјана Рушковска
  3. „Микронуклеусниот тест – индикатор за генотоксичност во организмот при хуман биомониторинг “ – вонреден проф. д-р Невенка Величкова

Работа во лабораторија

  1. Комет метода
      1. Подготовка на системот за електрофореза
      2. Подготовка на клеточен материјал за анализа
      3. Електрофореза и боење
      4. Евалуација на резултатите
  2. Микронуклеусен тест
      1. Подготовка на клеточниот материјал за анализа
      2. Подготовка на препаратите и боење
      3. Анализа на препаратите и евалуација на резултатите

 

5. Учество на научна конференција

Во рамките на планираните активности за тековниот проектен период, проф. д-р Татјана Рушковска и асс. Мишко Милев учествуваа на научна конференција организирана во рамките на COST Акцијата NutRedOx CA16112, што се одржа од 02-03 март 2020 год. во Белград, Србија.

На конференцијата асс. Мишко Милев претстави дел од своите досегашни експериментални истражувања преку постер и кратка усна презентација:

Milev, Mishko and Maksimova, Viktorija and Ruskovska, Tatjana (2020) Determination of genotoxic effect of capsaicin on human peripheral blood mononuclear cells with Comet assay. In: Nutraceuticals in balancing redox status in ageing and age-related diseases, NutRedOx COST Action CA16112, 02-03 March 2020, Belgrade.

http://eprints.ugd.edu.mk/24465/

6. Одбранет дипломски труд од Борис Роглев

На ден 23.06.2020 год. кандидатот Борис Роглев, студент на студиската програма по Општа медицина – интегрирани студии од прв и втор циклус, го одбрани својот дипломски труд со наслов „Антигенотоксично дејство на полифенолите – докази од хумани интервентни студии со примена на Комет метода“.

Изработката на овој истражувачки труд е поддржана од НАТО проектот со наслов „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“, SPS MYP G5266.

Со оглед на тековната состојба со пандемијата на Covid-19, одбраната на дипломскиот труд се одржа на платформата Microsoft Teams, пред тричлена комисија во состав:

-Проф. д-р Дарко Бошнаковски – претседател,

-Вонреден проф. д-р Невенка Величкова – член и

-Проф. д-р Татјана Рушковска – член и ментор.

Кандидатот Борис Роглев имаше одлична презентација на својата обемна дипломска работа која претставува систематско пребарување и анализа на целокупната достапна литература за оваа проблематика. Ова систематско пребарување е регистрирано во базата на систематски пребарувања PROSPERO.

7. Завршен состанок

На ден 27.11.2020 год. (петок) со почеток во 13:00 часот на платформата Zoom се одржа Завршниот состанок на нашиот НАТО проект „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“.

На Завршниот состанок учествуваа сите кодиректори и дел од учесниците на Проектот. Кодиректорите ги презентираа своите Извештаи за реализирани активности и постигнати резултати во изминатиот период од три и пол години. За одбележување е дека нашите постигнувања беа високо оценети од страна на партнерите во овој Проект. На крај сите присутни го изразија своето задоволство од соработката и постигнатите резултати, со надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина.

8. Работилница за биоинформатички анализи

На ден 11.12.2020 год. (петок) со почеток во 13:00 часот на платформата Microsoft Teams се одржа Работилницата со наслов: “Integrative bioinformatic analysis of multi-omics data in biomedical sciences”.

Работилницата беше поддржана од НАТО проектот со наслов: „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“. Истата беше акредитирана од страна на Школата за докторски студии на Кампус 3. Работилницата се одржа на англиски јазик, во времетраење од 5 часа, согласно усвоената агенда.

Title: “Integrative bioinformatic analysis of multi-omics data in biomedical sciences”

Dr. Dragan Milenkovic

Université Clermont Auvergne, INRAE, UNH, F-63000 Clermont-Ferrand, France

Department of Internal Medicine, Division of Cardiovascular Medicine, School of Medicine, University of California Davis, Davis, California, 95616, United States of America

Dr. Tatjana Ruskovska

Faculty of Medical Sciences, Goce Delcev University, Stip                          

Lectures:

  1. Dragan Milenkovic: Use of multi-omics and bioinformatics in biomedical sciences – introductory course
  2. Tatjana Ruskovska: Integrative bioinformatics for molecular meta-analyses

 Break

 Practical work (Tatjana Ruskovska and Dragan Milenkovic)    

1. Analysis of a publication on multi-omics and integrative bioinformatics

2. Practical work on different bioinformatics online tools to analyze omics data

На Работилницата активно учество земаа професори, докторанди од студиските програми на Факултетот за медицински науки, студенти и гости. Сите присутни високо го оценија квалитетот на предавањата и практичните вежби.

9. Одбранет дипломски труд од Моника Спасова

На ден 03.07.2021 год. кандидатката Моника Спасова, студент на студиската програма по Општа медицина – интегрирани студии од прв и втор циклус, го одбрани својот дипломски труд со наслов „Квантификација на генотоксичност на метил метансулфонат во хумани клетки од периферна крв со примена на Комет метода“.

Изработката на овој истражувачки труд е поддржана од НАТО проектот со наслов „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“, SPS MYP G5266.

Со оглед на тековната состојба со пандемијата на Covid-19, одбраната на дипломскиот труд се одржа на платформата Microsoft Teams, пред тричлена комисија во состав:

-Вонреден проф. д-р Невенка Величкова – претседател,

-Вонреден проф. д-р Даринка Ѓорѓиева Ацкова – член и

-Проф. д-р Татјана Рушковска – член и ментор.

Кандидатката Моника Спасова имаше одлична презентација на резултатите од своите лабораториски експерименти, кои успешно ги реализираше и покрај ограничувањата што ни беа наметнати заради тековната пандемија.

10. Одбранет дипломски труд од Маринела Ангелеска

На ден 24.02.2022 год. кандидатката Маринела Ангелеска, студент на студиската програма по Општа медицина – интегрирани студии од прв и втор циклус, го одбрани својот дипломски труд со наслов „Примена на Комет методата за проценка на антиоксидантното дејство на витамините Ц и Е“.

Изработката на овој истражувачки труд е поддржана од НАТО проектот со наслов „Теренски детектор за генотоксичност од хемиски, биолошки, радиолошки, нуклеарни и експлозивни направи“, SPS MYP G5266.

Одбраната на дипломскиот труд се одржа на платформата Microsoft Teams, пред тричлена комисија во состав:

-Проф. д-р Невенка Величкова – претседател,

-Вонреден проф. д-р Даринка Ѓорѓиева Ацкова – член и

-Проф. д-р Татјана Рушковска – член и ментор.

Кандидатката Маринела Ангелеска одлично ја презентираше својата дипломска работа и даде исцрпен одговор на сите поставени прашања од страна на Комисијата.

11. Објавени трудови

1. Critical points in Comet assay silver staining procedure

http://bulletin.mfd.org.mk/volumes/Volume%2066_3/66_3_014.pdf 

2. Vitamins E and C exert protective roles in hydrogen peroxide-induced DNA damage in human peripheral blood mononuclear cells

https://www.dgsgenetika.org.rs/abstrakti/vol54no3rad4.pdf