Мал грант во рамките на проектот на Macedonian American Alumni Association (МААА), насловен „Alumni encouraging community services and extracurricular activities“ и поддржан од Американската амбасада во Скопје.
Целта на овој проект е да се поттикнат студентите од Факултетот за медицински науки активно да се вклучат во воннаставни активности од нивни интерес.
Реализирани активности
1. Семинар: “Молекуларни аспекти на исхраната“
На 7.6.2023 г. во просториите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, под менторство на проф. д-р Татјана Рушковска се одржа семинар на тема „Молекуларни аспекти на исхраната“. На почетокот на семинарот проф. Рушковска одржа предавање за нејзините досегашни научни истражувања и за перспективите на молекуларната исхрана. Потоа, студентите, активни учесници на семинарот, имаа можност да презентираат одбрани теми за интериндивидуалните разлики во однос на исхраната и за влијанието на определени компоненти од храната врз различни биолошки процеси на молекуларно ниво.
Агенда
-Молекуларни аспекти на исхраната – научни достигнувања и перспективи
Проф. д-р Татјана Рушковска
-Полот како фактор за интер-индивидуални разлики во однос на исхраната
Ангела Кочоска, Ванеса Крстева и Ирена Жежова
-Исхрана и хипертензија
Анастасија Атанасоска, Љубенка Ордева, Ирина Селвиевска, Сашка Јованчевска и Мартина Јовевска
Пауза
-Витамин Д и селен - микронутриенти неопходни за оптимална функција на имунолошкиот систем
Драгана Угрева
-Молекуларни механизми на поволното дејство на полифенолите врз кардиометаболното здравје
Сара Николова и Филип Постолов
-Метаболизам на аминокиселини со разгранети низи при дебелина и инсулинска резистенција
Ивона Џамбазова и Методи Речаноски
Повеќе информации за настанот на следните линкови:
UGD Life - Живот
UGD Life - Наука
2. Работилница "The use of molecular and bioinformatic analyses in studying the health-promoting effects of polyphenols"
На 28 и 29 ноември 2023 год., под менторство и организација на проф. д-р Татјана Рушковска се одржа работилница за примена на молекуларни и биоинформатички анализи која се состоеше од два дела, теоретски и практичен.
Теоретскиот дел на работилницата се одржа на 28.11.2023 год. во форма на вебинар каде гостуваше Dr. Dragan Milenkovic од Department of Nutrition, University of California, Davis, U.S. кој ги запозна студентите и присутните гости со најновите научни достигнувања во областа на нутригеномиката и нутригенетиката, како и ефектите на полифенолите од исхраната врз васкуларната функција и здравјето на човекот. Потоа проф. д-р Татјана Рушковска ги запозна присутните студенти и гости со резултатите од тековните истражувања за расветлување на молекуларните механизми на позитивното дејство на полифенолите врз кардиометаболното здравје. Теоретскиот дел на работилницата беше реализиран на англиски јазик, со што беше овозможено активно учество и на студенти од странство кои престојуваат на Факултетот за медицински науки во рамки на Еразмус програмата, како и на студенти од странство кои студираат на Факултетот за медицински науки на студиската програма по општа медицина на англиски јазик.
Практичниот дел на работилницата се реализираше во Биохемиската лабораторија на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, каде група на студенти се запознаа со одбрани биоинформатички методи и софтверски алатки за анализа на геномски податоци, што им беше презентирано од страна на проф. д-р Татјана Рушковска, како и со постапката за изработка на Комет методата и нејзината примена во науката и практиката, што им беше презентирано од страна на асс. Мишко Милев.
Работилницата беше поддржана од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, Факултетско студентско собрание (ФСС) на Факултетот за медицински науки и Студентски организирана медицинска асоцијација (СОМА).