Катедрата за наука за земјиштето и хидрологија претставува дел од Земјоделскиот факултет при УГД - Штип, со примарна цел да го испитува составот и квалитетот на земјиштето, како и квалитетот на водите и водните системи што се користат за наводнување на земјиштето. Науката за земјиштето и хидрологијата е круцијален сегмент во земјоделието што значајно придонесува за правилен развој на земјоделските растителни култури. Раководител на катедрата е д-р Биљана Балабанова, вонреден професор.
Научно истражувачката работа во рамките на Катедрата за наука за земјиштето и хидрологија при Земјоделскиот факултет е фокусирана врз испитувањето на составот и квалитетот на почвите и на составот и квалитетот на водите и останатите значајни сегменти од животната средина. Бидејќи производството на здрава и квалитетна храна станува еден од приоритетите на глобално ниво, во иднина голем дел од научно-истражувачките глобални проекти ќе бидат насочени токму кон полето на производство на квалитетна здрава храна. Истражувањата на нашата катедра, главно, се одвиваат преку Лабораторијата УНИЛАБ при катедрата за заштита на растенијата и животната средина, со цел да се дадат релевантни податоци за квалитетот на почвите и да се предложат мерки за подобрување на квалитетот на земјиштето. Притоа, крајната цел на научноистражувачката работа е да се произведе здрава храна, да се зголеми квалитетот и да се зголемат приносите на земјоделските култури. Сите овие цели на нашата катедра се реализираат преку тим на експерти во областа на науката за земјиштето и хидрологијата, кои на располагање имаат врвна модерна инструментација.
Катедрата за наука за земјиштето и хидрологија е отворена за комуникација со млади кадри заинтересирани да ги изработуваат своите магистерски и докторски дисертации во рамките на нашата катедра на Земјоделскиот факултет при УГД - Штип. Наставниот кадар од Катедрата за наука за земјиштето и хидрологија имаше поголем број на презентации на интернационални конференции и конгреси од областа на хемија на земјиштето и хидрологија. Вработените од катедрата учествуваат во повеќе проекти како главни истражувачи и истражувачи. Во декември 2019, проф. Биљана Балабанова како главен истражувач на двогодишен билатерален проект помеѓу Р. С. Македонија и Н. Р. Кина, финансиран од МОН, успешно ја завршува предвидената проектна активност. Во мај 2020, Министерството за образование и наука одобрува финансирање на трет циклус на проектни активности под раководство на проф. д-р Биљана Балабанова. Проектот носи наслов „Развивање на сензитивен и прецизен био-индикативен хемометриски модел за карактеризација на критични области со атмосферски токсини“, со период на траење од 2020-2021. Катедрата за наука за земјиштето и хидрологија, преку финансиски грант добиен од Алумни асоцијацијата на Западен Балкан, организираше научна конференција под наслов „ 1st scientific conference for CRITICAL ENVIRONMENTAL ISSUES OF THE WESTERN BALKAN COUNTRIES“, во периодот од 28-30 октомври 2019. На конференцијата присуствуваа околу 80 учесници од земјите на Западен Балкан: Албанија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Конференцијата беше организирана во склоп на проект под наслов “Creating sustainable transfer of knowledge for building novel ideas for critical environmental issues of the western Balkan countries”, проект број: 2019-B1_010, финансиран од Western Balkans Alumni Association, под раководство на проф. д-р Биљана Балабанова. Конференцијата опфати 15 пленарни предавања од професори универзитетите од Западен Балкан како и од Земјоделскиот факултет од УГД. Младите истражувачи, студентите на втор и на трет циклус се претставија со 5 орални презентации и 10 постерски презентации.
Од октомври 2019, по одобрена иницијатива од МОН, на проф. Биљана Балабанова Земјоделскиот факултет е учесник во СОЅТ акција: CA18130 - European Network for Chemical Elemental Analysis by Total Reflection X-Ray Fluorescence, проект за вмрежување финансиран од Европската Унија.
Од научноистражувачката работа, вработените на Катедрата за наука за земјиштето и хидрологија при Земјоделскиот факултет публикуваа значаен број на публикации во списанија со Импакт Фактор и меѓународни списанија.