МИЛИЦА ШКАРИЌ, завршила основно и средно музичко училиште во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата по пијано на Валентина Нолчева. Дипломирала пијано во Париз на Екол Нормал (Ecole Normale de Musique de Paris) во класата по пијано на Нелсон дел Вињ. На истата институција се здобива и со диплома по камерна музика. Две години изучува корепетиција во класата на Сесил Хугонар-Рош, професор на Националниот конзерваториум во Париз. Три години се усовршува како солист во класата на интернационално реномираниот пијанист Евгениј Корољов на Факултетот за музичка уметност во Хамбург, Германија. Во текот на 2004-2005, таа оствари студиски престој како гостин професор на Факултетот за музичка уметност во Ен Арбор, Мичиген, САД. Докторирала на ФМУ Скопје.
Носител е на три први републички награди по пијано, на прва специјална награда со максимален број поени на сојузниот натпревар на поранешна Југославија, четврта награда на меѓународниот натпревар во Сенигалија, Италија, прва награда на меѓународниот натпревар во Саребург, Франција и награда за корепетиција на натпреварот Елизе Мајер, Хамбург, Германија.
Учествувала на многу мајсторски школи за пијано кај познатите педагози Арбо Валдма, Икуко Ендо, Јокут Михајловиќ, Сиавуш Гаџиев, Ралф Наткемпер, Акилес Дел Вињ итн.
Носител е на странски стипенди од фондациите Албер Русел (Albert Roussel), Џилда Сантарели (Gilda Santarelli), Ото Штотерау (Otto Stoterau Stiftung), Сорос, ДААД (DAAD), американска стипендија за развој на младиот наставен кадар (JFDP) и др.
Настапувала како солист и камерен партнер во Франција, Германија, Италија, САД, Србија, Бугарија, Македонија и др. Повеќе нејзини целовечерни концерти се снимани во живо од Македонската радио телевизија.
Повеќе изведби на дела од македонски современи композитори од Шкариќ се издадени на неколку ЦД-иња од СОКОМ. Во 2009 година Шкариќ заедно со обоистот Владимир Лазаревски издаде ЦД со дела од современи балкански композитори. Во 2012 Шкариќ заедно со тенорот Михајло Арсенски издаде ЦД со ремек-дела за тенор и пијано од Шуман, Форе, Дебиси, Прокопиев, Скаловски и Зографски.
Од 2012 Шкариќ е редовен професор по пијано и методика на наставата по пијано на Факултетот за музичка уметност во Штип. Автор е на учебник по пијано за возрасни почетници, повеќе објавени трудови и книгата „Интерпретациски проблеми на избрани дела за клавишни инструменти од Ј. С. Бах“.