Антисептиците и дезинфициенсите претставуваат биоциди, односно производи што ги уништуваат микроорганизмите или го спречуваат нивниот раст, развој и размножување.
Основната разлика помеѓу антисептиците и дезинфициенсите е тоа што антисептиците се применуваат на живо ткиво, односно се користат за постигнување на антисептичен ефект на инфицирана кожа или кога постои опасност од појава на инфекција, а дезинфициенсите се применуваат за отстранување на патогени или непатогени микроорганизми од непосредната животна околина, од разни предмети и прибор кој се користи во дијагностиката и хирургијата.
Како такви, антисептиците и дезинфициенсите наоѓаат широка примена во болничките установи. Имено, и антисептиците и дезинфициенсите поседуваат различна структура, па според тоа и различен механизам на дејство. Ова е основна причина поради која има разлика во ефикасноста помеѓу различни типови на антисептици и различни типови на дезинфициенси. За да се избере најсоодветниот антисептик, односно најсоодветниот дезинфициенс, неопходно е да се воспостави корелација помеѓу нивната структурата и дејството. Ова од една страна повлекува зголемување на ефективноста од нивната употреба, а од друга страна ќе предизвика намалување на трошоците за набавка на антисептици и дезинфициенси во болничките установи, така што набавката се ограничува само на оние антисептици и дезинфициенси кои со сигурност би покажале биоциден ефект спрема соодветниот микроорганизам.