Капацитет за партиципативност и транспарентност при носење на одлуки во Единици на Локална Самоуправа во Источен Плански Регион

Апстракт

Еден од клучните сегменти за градење на демократските капацитети кај Единиците на Локална самоуправа е транспарентноста на процесот на носење на одлуки и инклузивностa  на граѓаните во рамките на ваквиот процес. Граѓанската партиципативност овозможува да се донесуваат поквалитетни одлуки, а со тоа и полесно да се ефектуираат политиките на локалните власти. Исто така транспарентноста на локалната администрација, заедно со локалните политички тела (Градоначалник и Совет), овозможува да се создаваат добри практики, кои го подигаат нивото на политичка култура и јавната свест кај граѓаните да бидат проактивни кога се работи за прашања кои ги засегаат. 
Капацитетот за носење на квалитетни одлуки на Единиците на Локалните самоуправи, кој зависи од повеќе фактори (релациите со централната власт, соработката на градоначалникот и советот, меѓуопштинската соработка, капацитетот на локалната администрација, квалитетот на нормативната регулатива, како и нивото на јавна поддршка кај граѓаните), е динамичка категорија која претпоставува балансирање на  политиките и праксите и нивно интегрирање во севкупната општествена слика. Оттука, доколку се имаат во предвид сите фактори на влијание, може да се дојде до модел кој не само што ја детектира транспарентноста во политиките на носење на одлуки, туку и ке овозможи истите да станат апликативни во пракса и да овозможат ефективност во процесот на одлучување и управување во единиците на локалната самоуправа.

Capacity for participation and transparency in decision-making process in local self – governments unites in Eastеn planning region


Abstract

One of the key segments of building democratic capacities of local government units is the transparency of the decision-makers and the involvement of citizens within this process. Citizen participation enables better decisions, and therefore it is easier to effectuate the policies of the local authorities. Also the transparency of local administration, along with local political bodies (Mayor and Council), allows for the creation of best practices that have raised the level of political culture and public awareness to be proactive when it comes to issues that affect them. 
The capacity to carry quality decisions of subnational governments, which depend on several factors (relations with the central government, the cooperation of the Mayor and Council, IMC, the capacity of the local administration, the quality of normative regulation, and the level of public support among citizens), a dynamic category that suggest balancing policies and practices and their integration into the overall social picture. Hence, if we take into account all factors of influence there will be a model that not only detects transparency in policy decision-making, but also allows them to become applicable in practice and to ensure effectiveness in decision-making and governance in local governments.

Вовед
Детален опис на сегашните сознанија на предметот на истражувањето

Со влегувањето во сила на новата легислатива за локалната самоуправа во РМ, заради ефикасно управување на органите и телата на единиците на локалната самоуправа се јавува  потреба од нов пристап во начинот на одлучување. Истражувањата укажуваат на потреба од зголемување на успешноста во делувањето на локалните органи. Во овој контекст резултатите покажуваат зголемена потреба на учество на граѓаните во процесот на носењето на одлуките. Граѓаните сметаат дека на градоначалникот и советот на општината не им се најважни потребите и интересите на граѓаните. Тие акцентот го ставаат на недостаток на компетенции, присутност, љубезност и стручност на вработените во единиците на локалната самоуправа. Во однос на иницијативите за носење на одлуки, истите во голем дел се иницирани од страна на градоначалниците. Советот е неприкосновен само во фазата на донесувањето, изгласувањето на одлуката. И токму во оваа фаза доаѓаат до израз различните интереси, најчесто претставени преку партиската припадност на советниците.Показателите од истражувањата укажуваат на типично бирократска состојба, ниско ниво на разбирање и користење на механизмите и принципите на добра управа, незадоволителна партиципација на граѓаните во локалните процеси и недостаток на целна ориентација на управата кон нивните потреби.
Според меѓународната Асоцијација на менаџерите на локалната самоуправа, менаџерската улога на локалната самоуправа се остварува во четири области: Управување со човечки ресурси, Управување со промени, Воспоставување и негување на односи на соработка и јавност и публицитет. Оваа Асоцијација ги дефинира основите елементи што ја сочинуваат локалната самоуправа, ориентацијата кон акција, поврзаноста со граѓаните, автономијатата и претприемништвото, ориентација кон вработените, градње на вредносен систем, мисија, цели и компетентност, структура и политички односи. Во целост заклучоците од досегашните истражувања се  дека не постои разбирање за потребата за промени, отсуствуваат организациски способности за спроведување на промените, што значи дека процесот на воведување на добра управа на локално ниво се соочува со голем број на видливи и невидливи отпори.  Оттука за ефикасно менаџирање во единиците на локалната самоуправа на РМ неопходни се промени во насока на обезбедување на расположливи човечки ресурси и материјално технички средства за да можат да одговорат на барањата на граѓаните за поквалитетни услуги. Исто така, треба да се обезбедат услови за вклучување на граѓаните во процесот на одлучување.

1.Ричард Д. Бингам, Вилјам М. Боуен, Мити Олајон Чендлер, Терил Лин Корнвел, Џек П. Де Сарио, Пол Р. Домел, Кенет Л. Ендер, Клер Л. Фелбингер, Едвард В. Хил, Санда Кауфман,В.Денис Китинг, Лоренес Ф. Келер, Норман Крумхолц, Дејвид А.Куемел, Брајан М. Марфи и др.(2009) Менаџирање на локалната власт – Јавната администрација во практика,Пртоект на Владата на РМ Скопје.
2.Илија Тодоровски, Лидија Петковска-Христова, Анета Јовевеска, Весна Стојанова, Мирјана Сланинка Динева, Јорде Јакимовски, Наташа Габер, Маријана Ханџиска, Аница Драговиќ (2004)Функционирање на системот на локалната самоуправа вп РМ, ИСППИ, Скопје
3.Сотир Костов (2005) Нов јавен менаџмент во општините, Центар за квалитет Скопје.
4 Илија Тодоровски (1991).Развојот и карактеристиките на локалната самоуправа во Англија, САД и Југославија, НИО Студентски збор Скопје.
5.Steven Ott ,Alvert C.Hyde, Jay M. Shafritz (1990) Public management, Chicago USA.
6.Виолета Наумовска, Петар Наумовски (2007) Теорија на управувачките системи, Скопје.
7.Husmans J.H. (1970)The effectiveness of the cognitive style constraint in implementing operations research proposal, Management Science.
8.Жан Валин (2010) Административно право, Проект на Владата на РМ, Скопје.
9. Danielle Bossaert. Christoph Demmke, Koen Nomden, Robert Polet Civil services in the  Europe of Fifteen - Trends and New development(2002)European Institut for public administration.
10.Мирјана Петрович (2003)Организационо понашање, Економски факултет Белград.

1.    Цели на истражувањето
Предметот на проучување на ова истражување се фокусира на отвореноста и ефикасноста при носење на одлуки на Единиците на Локална Самоуправа. Оттука основната цел е да се детерминираат и елаборираат факторите кои влијаат на транспарентноста на процесот на донесување на одлуки на локално ниво. Во оваа смисла истражувањето се фокусира на повеќе аспекти кои се однесуваат на внатрешната контрола и соработката во рамките на Единиците нa Локалната самоуправа, вклучително и релациите помеѓу градоначалникот и општинските совети. Во овој дел се разгледуваат капацитетите на локалната администрација, нивната структурана и функционална поставеност, како и транспарентноста и отвореноста на Комисиите и општинските тела во однос на граѓаните. Исто така, важен сегмент е регионалната димензија и можноста за меѓуопштинска соработка, која би довела до оптимализирање  и рационализација при користењето на ограничените ресурси. 
Сепак главната цел на истражувањето е да се разгледа процесот на транспарентност при креирањето на политики и носењето на одлуки. Притоа, ќе се разгледа целокупната динамика на креирање и донесување на одлуки, од можноста на граѓаните да иницираат донесување на одлуки преку граѓанска иницијатива, транспарентноста при донесување на одлуки во рамките на утврдените процедури на Единиците на локалната самоуправа, па се до процесот на имплементација и запознавањето на граѓаните и организациите на граѓанското општество со веќе донесената одлука. Во оваа смисла целта е да се утврди можноста на граѓаните и граѓанските организации да го следат, но и да се вклучат во процесот на донесување на одлуки, односно да се утврди колку засегнатите страни (граѓани и организации) се консултирани. Исто така, во оваа смисла, целта е да се утврди дали и колку Единиците на локалната самоуправа, покрај граѓаните, при носењето на одлуки консултираат независни стручни тела или експерти, како што се на пример: Универзитетите, Невладините организации или независните истражувачи.
Една од основните цели е да се утврди нормативната рамка која се однесува на различните аспекти на функционирањето на Единиците на локалната самоуправа и нејзиното влијание врз градењето на систем на одговорност и процедури на локалната администрација. Во овој дел целта е да се утврди дали одлуките кои се донесуваат се втемелени во стратегиите, или станува збор за ad hoc одлуки кои отстапуваат од финансиските планови и стратегии. Ова истражување  ќе ги согледа локалните капацитети (кадровски, финансиски, просторни и сл.) и ќе го утврди нивното влијание врз транспарентноста на процесот на донесување на одлуките. Во овој контекст целта е да се анализира влијанието на носење одлуки од страна на  контролните органи.
Во истражувањето важен сегмент е утврдувањето на корелативните односи произведени од степенот на користење на внатрешна експертиза во рамките на Единиците на локалната самоуправа, и дали постои пракса на консултирање на граѓаните преку користење на директната демократија. Исто така целта е утврдување на формата и методите на партиципација на граѓаните во процесот на донесување на одлуки, односно дали и колку граѓаните партиципираат преку политичките партии, семејството, професионалните групи, како и локалните или регионални лоби групи.  

2.    Хипотези
Општа хипотеза
Доколку имаме поинклузивен и транспарентен процес на носење на одлуки тогаш имаме поквалитетни одлуки;

Посебни хипотези
•    Екипрани општини со административни кадри влијае врз процесот на носење одлуки;
•    Вклученоста на граѓанскиот сектор придонесува за донесување на квалитетни одлуки;
•    Соодветната законска регулатива и нејзиното применување придонесува да се донесуваат поквалитетни одлуки;
•    Информираноста на граѓаните со процесот на носење на одлуки влијае врз степенот на нивна ангажираност во процесот на носењето на одлуки;
•    Организациската структура во општините и релацијата помеѓу органите во истата влијае врз процесот на донесување на одлуки;

3.    Методи
Во рамките на истражувањето се користат квалитативни и квантитативни методи со мултифакторијална анализа и користење на математички вредности за прикажување на различните фактори на влијание при процесот на носење на одлуки кај Единиците на локалната самоуправа во Источниот плански регион на Република Македонија.
Преку квалитативна анализа на соодветната законска регулатива, во која се вклучени Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Закон за локална самоуправа, Закон за меѓуопштинска соработка (Службен весник на РМ 79/2009), Закон за рамномерен регионален развој (Службен весник на РМ 63/2007), Закон за државни службеници, Закон за јавна администрација и сл., се утврдуваат надлежностите и можностите на Единиците на локална самоуправа да донесуваат одлуки. 
Анализа на капацитетите на Единиците на локалната самоуправа, преку спроведување на полуструктурирани интервјуа со вработените во локалната администрација и членовите на локалните тела (градоначалници и членови на општинските совети). Ваквото истражување ќе се однесува на три општини од Источниот плански регион. Притоа ќе бидат опфатени општините Штип, Виница и Чешиново- Облешево. 
Студија на случај (Case Study), анализа на процесот на носење одлуки во трите предвидени општини  (Штип, Виница и Чешиново- Облешево). Притоа, ќе се разгледува дали при донесувањето на овие одлуки е консултирана јавноста што ќе овозможи се лоцираат факторите на влијание.
Спроведување на полуструктурирани интервјуа со претставници на НВО во трите општини кои се предмет на анализа.
Спроведување на два анкетни прашалници. Во првиот ќе бидат опфатени граѓаните од Единиците на локалната самоуправа во Источно планскиот регион, а во вториот вработените во локалната администрација на Единиците на локалната самоуправа на целиот Источно плански регион.
Во истражувањето ќе се користи квалитативна анализа (анализа на интервју и анализа на документи) и квантитативна анализа на податоци (статистички податоци, анализа на анкетни прашалници). 
Во истражувањето ќе се користи мултиваријациона анализа со цел да се даде опис на големиот број променливи кои ќе бидат дефинирани во истражувањето. 
При обработката на податоците преку пондерација и факторијална анализа на различните фактори на влијание во процесот на носење на одлуки, на истите ќе им се дадат математички вредности, со што ќе биде произведен генерален модел.

4.    Временска рамка на истражувањето
Истражување е предвидено да трае две години, со следната предвидена динамика:
Прва истражувачка година
а) Прво тромесечје (Организација и координација на тимот, со распределба на должностите. Методолошка подготовка на полуструктурираните интервјуа и анкетните прашалници и обезбедување на соодветната законска регулатива).  
б) Второ тромесечје (Спроведување на предвидените интервјуа во трите предвидени општини. Спроведување на анкетните прашалници во Единиците на локалната самоуправа на Источно планскиот регион).
в) Трето тромесечје (Компаративна анализа на законската регулатива и детерминирање на соодветните административни капацитети на Единиците на локалната самоуправа. Проучување на случај (Case study) на процесот на донесување на одлуки во трите предвидени општини кои се предмет на истражување. Статистичка обработка на податоците од анкетните прашалници).
г) Четврто тромесечје (Утврдување на застапеноста на различните фактори при процесот на носење на одлуки). Преку мултифакторијална анализа, давање на математичка вредност на различните фактори на влијание и детерминирање на степенот на транспарентност при носењето на одлуки). 
Втора истражувачка година
а) Прво тримесечје Сумарна анализа на податоците добиени од истражувањето, компарација на резултатите со најновите теоретски сознанија. Продуцирање на генерален модел (генерализација) и создавање на соодветна теоретска рамка во која резултатите можат да се вклопат.
в) Второ тримесечје Подготовка на сумарниот извештај од истражувањето. Подготовка на публикација.
г) Втора половина од годината Презентација на проектот на домашни и меѓународни конференции. Организирање на презентација на публикацијата во Р. Македонија.

Истражувачки тип

вон. проф. д-р Јован Ананиев - Главен истражувач

доц. д-р Јадранка Денкова - Истражувач

доц. д-р Страшко Стојановски - Истражувач

асс. м-р Лимонка Лазарова - Помлад истражувач

Наташа Амидју (посдипломец) - Помлад истражувач

anketa_za_administracija.doc
anketa_za_gragani.docx
intervju_za_administracija.docx
intervju_za_gradonacalnik.docx
intervju_za_nevladini_organizacii.docx
intervju_za_sovetnici.docx